Мени

Студија на ЕУ: Годишниот бруто домашен производ ќе се зголеми за 9 милијарди евра доколку се вклучат повеќе жени во дигиталниот сектор на ЕУ

Повеќе заинтересирани девојки за дигитална кариера и повеќе жени на дигиталните работни места ќе им бидат од полза на дигиталната индустрија, на самите жени и на Европската економија. Ова е клучниот наод на истражувањето на Европската комисија за жени активни во ИКТ-секторот.

Според студијата, во моментов има премалку жени кои работат во ИКТ-секторот:

  • Од 1000 дипломирани жени, само 29 имаат диплома по информатички и комуникациски технологии (во споредба со 95 мажи), а само 4 од 1000 жени на крајот работат во ИКТ-секторот.
  • Жените го напуштаат секторот кон средината на кариерата во поголема мера отколку мажите и се недоволно застапени на раководните позиции и позициите на кои се донесуваат одлуки (дури повеќе отколку во другите сектори).
  • Само 19,2 % од работниците во ИКТ-секторот имаат шефови – жени, во споредба со 45,2 % од работниците кои не работат во ИКТ-секторот.

Меѓутоа, кога трендот би бил обратен и жените би држеле онолку дигитални работни места колку и мажите, европскиот бруто домашен производ би се зголемил за околу 9 милијарди евра на годишно ниво ( 1,3 пати по бруто домашниот производ на Малта) се вели во студијата. ИКТ-секторот би имал полза затоа што организациите кои се поинклузивни за жените на раководни позиции постигнуваат 35 % повисок поврат на капиталот и 34 % повисок вкупен поврат за акционерите, во однос на други споредливи организации.

Студијата сугерира и дека жените кои работат во ИКТ-секторот заработуваат речиси 9 % повеќе од жените во другите делови на економијата, а имаат и поголема флексибилност во уредувањето на нивните работни планови и се сè помалку подложни на невработеност (до 2015 година, ќе има 900.000 непополнети работни места во ИКТ-секторот во ЕУ).

Заменик-претседателот за Дигиталната агенда на Европската комисија, Нили Крос, изјави: „Сега знаеме, без сомнение, дека повеќе жени во една компанија значат поздрава компанија. Крајно време е ИТ-секторот да го сфати ова и да им даде шанса на жените да придонесат за секторот и за економските придобивки на Европа со нивниот огромен потенцијал“.

Студијата исто така укажува на четири приоритетни области каде треба да се преземат мерки:

  • Да се изгради нов имиџ на секторот во очите на жените и општеството, со мерки како што се ширење на најпривлечните теми поврзани со ИКТ за младите жени (возбудливи , поинакви, профитабилни итн.);
  • Да се подобри образованието на жените во секторот, т.е. да се промовира, заедно со индустријата, хармонизираниот европски наставен план за поттикнување јасни и недвосмислени кариери во ИКТ-секторот;
  • Да се зголеми бројот на жени-претприемачи во ИКТ-секторот, на пр. да се подобри пристапот до програми со инвестициски капитал за жени претприемачи;
  • Да се подобрат условите за работа во секторот, на пр. со нагласување на подобреното работење на компаниите што вработуваат жени.

 

Извор: ЕДРИ-грам „Digital Agenda: Bringing more women into EU digital sector would bring €9 billion annual GDP boost, EU study shows“ 3 октомври, 2013.

 

Поврзани натписи