Мени

ЕУ и ЕРУ подготвени да соработуваат на зајакнување на јавните медиуми во европското соседство

Европската комисија и Европската радиодифузна унија (ЕРУ ) се согласија да ја прошират својата соработка за зајакнување на јавните медиуми во земјите од европското соседство.

Комесарот за проширување и европска соседска политика Штефан Филе се сретна со претседателот на ЕРУ, Жан-Пол Филипо и генералниот директор Ингрид Делтенре денеска во Брисел за да ја разгледаат соработката согласно Меморандумот за разбирање потпишан во јули минатата година, фокусиран на земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ.

Комесарот Филе рече дека ЕРУ се покажала како важен сојузник во промовирањето на слободата на изразување и на улогата на независните јавни медиумски сервиси во модерните европски демократии. Тој им се заблагодари на претседателот на ЕРУ и генералниот директор за нивната успешна работа во земјите-кандидати за членство, како и за одличната соработка со ЕРУ во подготовката на извештаите за напредокот на земјите-кандидати и во конференцијата Speak-Up2 што се одржа во јуни 2013 година. „Сега имаме за цел да ја прошириме нашата соработка обезбедувајќи поддршка за акцискиот план во земјите-кандидати за членство и преку Меморандум за разбирање со цел да се зајакнат јавните сервиси во земјите од соседството на ЕУ“, изјави комесарот.

Претседателот Филипо изрази задоволство поради тоа што Европската комисија ги препознала напорите на ЕРУ за поддршка на реформите, обуките и градењето на капацитетите на јавните радиодифузни сервиси во и околу Европа. „Независните и одржливи јавни сервиси промовираат слобода на изразување и вредности кои се од суштинско значење за добро информираните демократии. Со нетрпение очекуваме да ја прошириме нашата работа во партнерство со Комисијата не само во земјите-кандидати, туку и во другите земји од соседството на ЕУ”, изјави претседателот Филипо.

Прашањето околу слободата на изразување во медиумите и улогата на јавните сервиси е клучна област на политики на Европската комисија во земјите-кандидати, како и во поширокото европско соседство.

Европската унија и Европската радиодифузна унија ги делат истите принципи и истите цели на политиките за слободни и независни медиуми и јавни сервиси во партнерските земји. Слободните медиуми и печатот претставуваат еден од столбовите на цврстата и одржлива демократија. Независните и одржливи јавни сервиси играат важна улога во трансформацијата и во развојот на едно демократско општество.

Европската комисија посветува особено внимание на реформските заложби на јавните сервиси во сопственост на државите од соседството. Медиумите на јавниот сервис се неопходни како наменски платформи за претставување на општествениот и културниот диверзитет кој постои во општеството и за промовирање на инклузивност и толеранција. ЕРУ ги има експертизата и искуството потребни за тешката задача која подразбира помагање на јавните радиодифузери во реформите.

Во регионот на проширувањето, Програмата за партнерство на ЕРУ спроведува акциски план ко-финансиран од Европската комисија за зајакнување на членовите на ЕРУ во земјите од Западен Балкан кои се подготвуваат за влез во ЕУ. Во досегашните активности спаѓаа регионални конференции (за медиумите на јавниот сервис и граѓаните, како и за ромските малцинства); работилници за вести на јавните сервиси; и консултации за стратегии за дигиталното доба. Истовремено, партнерската програма организираше помош финансирана од ЕРУ за своите членови во Ерменија, Грузија, Молдавија и Украина на исток, како и во земјите од јужниот дел на Средоземното море, како што се Алжир, Либија и Тунис.

ЕУ е активна и во медиумскиот сектор на јужниот Медитеран, особено на билатерално ниво. Минатата година, Европската комисија го започна вториот дел од успешната евро-медитеранска програма за развој на медиумите. Ќе се стартува и една нова програма за поддршка на реформите во аудиовизуелниот сектор, а особено кај јавните радиодифузери во оние земји чијашто заедничка карактеристика е државната контрола врз медиумите.

Извор: europa.eu „EU and EBU ready to cooperate on strengthening public media in European Neighbourhood“ 30 август, 2013.

Поврзани натписи