Мени

ЕУ: Употреба и пристап на интернет во 2012 година

Повеќе од половина од корисниците на интернет објавуваат пораки на друштвените медиуми, а повеќе од 60 % читаат вести на интернет

Употребата и пристапот на интернет се широко распространети кај населението на ЕУ. Во земјите-членки на ЕУ27, повеќе од три четвртини од домаќинствата имаа пристап до интернет во 2012 година, во споредба со нешто помалку од половина во 2006 година.

Процентот на домаќинства кои имаат широкопојасен интернет е значително зголемен. Во 2012 година, 72% од домаќинствата во ЕУ27 имаа пристап до интернет преку широкопојасна конекција, во споредба со 30 % во 2006 година.

Податоците објавени од Еуростат – Заводот за статистика на Европската унија, се само мал дел од резултатите од истражувањето за употребата на информатички и комуникациски технологии (ИКТ) во домаќинствата и употребата од поединци во земјите-членки на ЕУ27 – Исланд, Норвешка, Хрватска , Црна Гора, Македонија и Турција. Освен употребата на интернетот и широкопојасните конекции, истражувањето опфаќа и други показатели како што е мобилното користење на интернет, е-трговија и е-влада. Наодите се користат за следење на неколку политики на ЕУ, а особено Дигиталната агенда за Европа.

Во секоја земја-членка, најмалку едно од две домаќинства има широкопојасна конекција

Иако нивото на пристап до интернет се зголеми во сите земји-членки во периодот од 2006-та до 2012-та година, разликите сепак остануваат значителни. Во 2012 година, удели на пристап до интернет од 90% и повеќе се евидентираа во Холандија (94%), Луксембург (93%), Данска и Шведска (и во двете 92%), додека удели на пристап до интернет со нешто над 50 % се евидентираа во Бугарија (51 % ), Грција и Романија (и во двете по 54 %).

Пристапот до широкопојасен интернет овозможува поголема брзина при прелистување и вршење активности преку интернет. Во 2012 година, најмалку половина од домаќинствата во секоја земја-членка имаа широкопојасен интернет. Во Шведска е евидентиран најголем удел на широкопојасни интернет конекции (87 %), следуваат Данска и Финска (и двете со 85 %), Холандија (83 %), Германија (82 %) и Обединетото Кралство (80 % во 2011 година).

Португалските корисници на интернет поактивни на друштвените медиуми, а финските во интернет-банкарство и патувања

Иако испраќањето и примањето е-пораки и барањето информации за производите или услугите остануваат најзастапени активности на интернет (89 % и 83 % соодветно, од лицата кои користеле интернет во последните три месеци) во земјите од ЕУ27 во 2012 година, другите активности се исто така доста застапени кај корисниците на интернет од земјите-членки на ЕУ27: 61 % читаат вести на интернет, 54 % користеле услуги на интернет-банкарство, 52 % објавиле пораки на друштвените медиуми и 50 % користеле услуги поврзани со патување. Во 2012 година, создавањето веб-сајтови или блогови било помалку застапено, иако дури 9 % од корисниците на интернет ја вршеле оваа активност.

Литванија (92 % корисници на интернет) и Естонија (91 %) имаа највисок процент на лица кои користеле интернет во 2012 година за читање вести и весници на интернет, додека Франција имаше најмал удел (38 %). Финска е водечка земја-членка кога станува збор за интернет-банкарство (91 % од корисниците на интернет) и туристички услуги преку интернет (69 %). Португалија имаше најголем удел во однос на корисници на интернет кои објавиле пораки на друштвените медиуми (75 % од корисниците на интернет) а најмал удел имаа Република Чешка (35 %), Франција (40 %) и Германија (42 %).

Холандија (17 %) и Унгарија (16 %) евидентираа речиси двојно поголем удел на корисници на интернет кои создавале веб-сајтови и блогови во 2012 г., во споредба со просекот во ЕУ27.

Извор: Europe’s Information Society „Internet access and use in 2012“

Поврзани натписи