Мени

Европските компании и регионалните лидери се сложија за Акциски план за попаметни европски градови

Се очекува Европската комисија да инвестира околу 200 милиони евра за создавање паметни градови во наредните две години.

За повеќе од 75 % од граѓаните на ЕУ, нивниот град е нивниот дом – тоа е местото каде што тие претежно живеат, работат и играат. Градовите се главниот извор на европската економска активност и иновации. Меѓутоа, глобалната економија се развива и менува брзо, па европските градови треба да се справуваат со нови предизвици и да се развиваат и подобруваат. Нашите градови се и голем извор на стакленички гасови и локално загадување, а за да се справиме со тоа ни треба координирана акција. Можеме и треба да ги направиме градовите подобри места за живеење и работа. Нашите градови можат да станат почисти и поздрави и да користат помалку енергија. Можат да бидат паметни градови.

Паметни градови се градовите кои најдобро ги користат услугите на модерната технологија и инфраструктура, како и современите начини на работа и прибирање финансии за да се направат вистински подобрувања во секојдневниот живот на луѓето кои живеат во нив и подобрувања за компаниите кои генерираат приходи и вработување, а тоа претставува уште еден важен придонес кон градењето на единствениот дигитален пазар – едно од клучните прашања за кои ќе расправа потпретседателот на Европската Комисија , Нили Крос во Европскиот совет на 24 октомври.

Партнерството за паметни градови и заедници денес одржува средба во Брисел на која ќе се соберат градските лидери, претставниците на индустријата и истражувачката заедница кои работат на идентификување и воведување нови начини за подобрување на европските градови на поздружен начин. Во Планот за стратешка имплементација на Партнерството за паметни градови се наведуваат голем број нови мерки и пристапи со кои нашите градови можат да се поттикнат да станат попаметни. Планот се концентрира на тоа како да се поттикне подобрување на зградите и планирањето, на новите информатички технологии, на транспортот и енергијата и новите начини на интегрирање на овие области. Овие пристапи вклучуваат претпоставка дека податоците се „отворени по правило“ – што значи дека податоците можат повторно да ги користат и другите, за создавање дополнителни придобивки за граѓаните, компаниите и владите.

Планот предлага и подобрувања на начинот на кој се водат градовите со подобри начини за вклучување на граѓаните и соработка во вршењето на работите. Предлага и зони за иновации, нови бизнис модели и преиспитување на правилата и прописите и постандардизиран пристап кон прибирањето и употребата на податоци за да се овозможи подобра споредба меѓу различните пристапи и градови.

Ова е само почеток на обемната програма за работа на сите партнери и многу други. Важен дел од таа работа ќе бидат „Предводничките проекти“ – градови кои ќе покажат и применат решенија за паметни градови во големи размери. Овие проекти ќе се финансираат делумно од Фондовите за истражување „Horizon 2000“ на Европската комисија. Понатамошното финансирање од државата и компаниите ќе помогне за ширењето на овие нови решенија во други градови, а големите економии ќе помогнат за воведување на овие „иновативни“ и „високо технолошки решенија“ како стандардни – и полесно достапни за сите градови и населби.

Повеќе информации за овие наредни чекори, за финансирањето од Европската комисија и за заложбите на компаниите ќе се објават при официјалната промоција на планот за примена, на 26 ноември.

Извор: ЕДРИ-грам „European companies and regional leaders agree on Action Plan to make Europe’s cities smarter“ 14 октомври, 2013.

 

Поврзани натписи