Мени
gnome.jpg

Македонија поставува Гном на 5000 компјутери во државните училишта

Кога Република Македонија реши да инсталира Линукс во 468 училишта и 182 компјутерски лаборатории во земјата, беше одбран ГНОМ на Убунту. Арангел Ангов се сретна со Дарко Арсов, менаџер за технологија и интеграција во Центарот за развој на образование, за да ги дознае причините поради кои е избран ГНОМ.
gnome.jpgРепублика Македонија е мала земја во југоисточна Европа со популација од околу 2 милиони. Интернет пенетрацијата е околу 5% и степенот на софтверската пиратерија е застрашувачки. Исто така, владата не игра некоја голема улога во развојот на ИКТ (Информатички и комуникациски технологии) додека пак приватниот сектор е доминиран од технологиите на Мајкрософт.

Поради овие околности никој не би ни очекувал приказна поврзана со слободниот софтвер да се појави на предната страна во медиумите. Но сепак, присуството на една мала волонтерска организација, Слободен софтвер Македонија, прави огромна разлика во оваа мала земја.

Додека го пишувам овој текст сите поголеми проекти поврзани со слободниот софтвер и софтверот со отворен код веќе се преведени или пак се блиску до целосно преведување на македонски јазик. Алатките како што се проверувачи за правопис исто така се развиваат доста брзо. Иако воопшто нема никакви ресурси, посветеноста и ентузијазмот ги одржуваат овие проекти во живот.

Оваа приказна е конкретно за имплементацијата на Гном.

Се се случи на почетокот на Август кога еден мој пријател ми кажа за проект кој што вклучува масовно поставување на слободен софтвер во државните училишта низ цела Македонија.

По краткото истражување дознав дека се работи за проект кој што вклучува поставување на Убунту Линукс, кој што доаѓа со Гном како стандардна работна околина. Околу 5000 компјутери во сите државни училишта во Македонија, како во основните така и во средните училишта имаат инсталирано Убунту и Гном.

Како дел од заедничкиот проект наречен „E-школо.МК“, Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), Центарот за развој на образование (ЕДЦ) и македонското Министерство за образование и наука (МОН) одлучиле да инсталираат Убунту Линукс во 468 училишта во 182 компјутерски лаборатории низ целата земја.

Малку подоцна со помош на еден корисник на Гном кој што работи како систем администратор во ЕДЦ (организацијата одговорна за проектот Е-школо.МК), стапив во контакт со Дарко Арсов и се договоривме да направиме живо интервју. Дарко работи на овој проект уште од неговиот почеток. Инаку тој во ЕДЦ работи како Менаџер за интеграција на технологии. Во интервјуто тој ја објаснува како дошло до одлуката за избирање на Убунту и Гном како и нешто повеќе околу нивните идни планови и активности кои што се дел од овој проект.

Се сретнавме во локалниот кафе бар веднаш спроти седиштето на ЕДЦ во западната дел од градот Скопје. Прво нешто што го запрашав Дарко беше: Што воопшто ги натерало да се одлучат за поставување на Убунту и Гном?

Дарко: По неколку состаноци и малку истражување, Убунту се појави како прва на листата. Главниот фактор кој што влијаеше на нашиот избор беше интероперабилноста на Убунту со други оперативни системи. Гном е навистина корисен и едноставен. Пријателскиот и лесен за користење интерфејс на Гном имаше големо влијание врз нашата конечна одлука и да бидам искрен, барем досега, навистина сме среќни со изборот што го направивме.

П. Кога започна проектот и до кога очекувате да биде целосно завршен?

Дарко: Планирањето започна на почетокот на 2004 година а имплементацијата започна дури во јуни. За околу 4 месеци успеавме да клонираме 5000 компјутери и да инсталираме брз безжичен интернет во 460 училишта.

П. Како ви се допаѓа 6-месечниот циклус на издавање на нови верзии на Убунту и Гном?

Дарко: 6-месечниот циклус нуди доста предности бидејќи овозможува софтверот да биде стабилен и добро тестиран пред да стигне до рацете на крајните корисници. Исто така ова овозможува доста предности при планирањето бидејќи знаеме кога можеме да очекуваме нова верзија и знаеме дека два пати годишно софтверот се надградува со нови опции.

П. Дали сте запознаени со слободните проекти како што се апликациите за едукација на gnomefiles.org и/или ЕДУбунту, и дали планирате да ги искористите како дел од Вашиот проект?

Дарко: Имаме слушнато за ЕДУбунту – верзијата на Убунту посветена на образованието и во моментов чекаме официјално издание пред да решиме дали овој проект ги задоволува потребите на македонскиот образовен систем. Мислам дека има голема веројатност за имплементација на вакво нешто во блиска иднина. Исто така заинтересирани сме и за локализација на некои од образовните апликации за Гном и нивна имплементација во веќе постоечката околина.

П. Бидејќи компјутерите работат на Гном 2.8 и Убунту Варти, дали планирате нивна надградба на понова верзија на Гном и зошто инсталиравте Варти уште на почеток?

Дарко: Секако, една од главните цели на нашиот проект е одржливоста и баш поради тоа ќе ги охрабруваме професорите да се информираат и да бидат во тек со новите изданија како и да ги надградуваат дистрибуциите. Бидејќи Гном 2.12 е целосно преведен на македонски јазик ние ќе ги надградиме сите компјутери колку што е можно побрзо. Кога почнавме да го планираме проектот, некаде на почетокот на 2004 година, Варти сè уште беше стабилната верзија на Убунту и поради тоа што веќе ја имавме тестирано се одлучивме да одиме со неа докрај, но како и да е, се надеваме дека наскоро ќе бидат надградени сите компјутери.

П. Дали планирате во блиска иднина да ја поддржите употребата на слободниот софтвер како што е Гном и можеш ли да ни кажеш нешто повеќе околу ова?

Дарко: Се што направивме во врска со овој проект го направивме во соработка со МОН и се надеваме дека МОН ќе продолжи да ја поддржува употребата на слободниот софтвер и софтверот со отворен код во образовните институции низ целата земја. Како и да е ние веќе поддржуваме и ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти бидејќи сметаме дека слободниот софтвер е најдобрата алатка која што им овозможува на студентите да научат како функционираат работите во одреден софтвер со што ќе им се овозможи многу полесно да го разберат процесот на креирање на програма. Би сакал да напоменам дека поставивме и 82 безжични зони во овие лаборатории како во селата така и во градовите низ целата земја. Се надеваме дека брзата интернет врска ќе им дозволи како на студентите така и на професорите да научат нешто повеќе за софтверот што го користат, како да додаваат софтвер, да си играат со изворниот код и да учествуваат во проекти за програмирање. Ние дефинитивно ги поддржуваме и охрабруваме студентите и професорите да експериментираат во новите околини за да се запознаат со работната околина па и со целиот оперативен систем.

Како дел од овој проект, преку семинари и тренинзи ќе обучиме 10.000 професори и наставници од основните и средните училишта. Ќе им бидат пренесени знаењата за основна работа со оперативниот систем ГНУ/Линукс и со работната околина Гном. На крајот ќе направивме и анализи за да видиме кои се кратките и долгите ефекти од проектот.

П. Уште нешто?

Дарко: 🙂 Исто така работиме и на веб портал наменет за студентите и учениците. Порталот дефинитивно ќе биде развиван како проект со отворен код и место каде што студентите и учениците ќе можат да си отворат лични кориснички сметки, да подигнат некоја програма, да се групираат во тимови и заедно да работат на софтверски проекти, да споделуваат искуства и најважно од се да научат работи од кои што ќе имаат вистинска полза во иднина.

Како голем поддржувач на и корисник на Гном, се надевам дека проектов навистина ќе успее. Исто така се надевам дека ќе помогне при трансформација на новите студенти и ученици во нови придонесувачи на Гном кои што ќе продолжат да креираат, одржуваат, документираат и локализираат квалитетен слободен софтвер за идните генерации.

Арангел Ангов

Поврзани натписи