Мени

Некој ни го украл брендот „macedonia.eu“

Непозната странска влада, фирма, државна или невладина организација  ни ја украде адресата „macedonia.eu“ откако ниту Владата, ниту  македонските компании не реагираа на одлуката на Европската комисија да отвори интернет-домен со кратенката „.еу“

Непозната странска влада, фирма, државна или невладина организација  ни ја украде адресата „macedonia.eu“ откако ниту Владата, ниту  македонските компании не реагираа на одлуката на Европската комисија да отвори интернет-домен со кратенката „.еу“.

Европската комисија на 7 декември го огласи таканаречениот „период на изгрејсонце“, во кој јавните тела на државите-членки во ЕУ, правните лица што се сопственици на одреден бренд и оние што располагаат со правата  врз одредено географско потекло може да регистрираат адреса под доменот  „.еу“. Во првите неколку часа по отворањето на овој домен, пристигнале повеќе од 100.000 барања за регистрација.

Постои можност барањето за регистрација на адресата „macedonia.eu “ да е поднесено од македонска фирма што регистрирала претставништво во некоја од европските земји или пак компанија на наш иселеник. Сепак, многу поверојатно е дека некоја државна институција или компанија од Грција издејствувала во „Еурид“, фирма овластена за регистрација под доменот  „.еу“, да ги блокира барањата за регистрација на „macedonia.eu “ со аргумент дека Македонија е територија во Грција.

Нашата влада или некоја од нашите компании во иднина нема да можат да регистрираат веб-сајт под доменот „.еу“ што ќе го носи името на нашата земја преведено на англиски јазик. „Време“ веќе неколку пати пишуваше за грчката пропаганда на Интернет со која се негираат нашата историја и нашето уставно име. Со проверка на веб-сајтот на „Еурид“ лесно може да се забележи дека се уште се слободни адресите republic of macedonia.eu“, „fyrom.eu“ или „makedonija.eu“. Меѓутоа, освен некои невладини организации и физички лица, во Македонија ниту една државна институција досега не покажа интерес за промоција и заштита на нашето уставно име на Интернет, медиум без кој денеска не можат да се заштитат производите од македонско потекло и брендот „made in macedonia“.

Европската комисија од 7 февруари до 7 март 2006 година ќе објави уште еден „период на изгрејсонце“ во кој ќе се прошири листата на државни и приватни организации што ќе може да регистрираат веб-сајт под доменот „.еу“. По овој период, сите правни и физички лица ќе имаат пристап до овој домен.

 
Метаморфозис: Не е сеедно кој ќе биде сопственик на домените

Филип Стојановски, програмски координатор во „Метаморфозис“, фондација за промоција на ИКТ, смета дека доменот на Европската Унија е значаен за заштита на брендот Македонија.

– Отворањето на доменот „.еу“ отвора низа можности за изградба на имиџот и брендирањето. Ова особено важи за деловниот сектор, но и за државните и за невладините организации. Не е сеедно кој ќе стане сопственик на домените. Во стручните кругови на европско ниво постојат сознанија дека низа фирми и организации, иако веќе имаат домен, решаваат да си купат „.еу“ домен за да спречат некој трет да го злоупотреби нивното име. Со тоа исто така јасно даваат на знаење дека фирмата е лоцирана во ЕУ, односно дека се работи за дел од Европа – вели Стојановски.

Тој информира дека и покрај тоа што Македонија се уште не е членка на ЕУ, фондацијата Метаморфозис веќе се обидела  преку посредници да најде начин да го резервира доменот „metamorphosis.eu “. Главна причина за нивната брза реакција е фактот дека постојат низа фирми од ЕУ, а особено од Грција, што го користат ова име.

Извор: Време

Поврзани натписи