Мени

Пејпал доаѓа во Македонија

Граѓаните од следната година ќе може да продаваат и да купуваат производи низ целиот свет. Иво Ивановски, министер за информатичко општество, вели дека Министерството успеало со интервенции преку нашата дијаспора да воспостави контакт со првиот човек на „Пејпал“, кој дал согласност Македонија од наредната година да влезе во нивниот список.

„Пејпал“ е систем кој овозможува интернет-купување и продавање производи и услуги, како и трансфер на пари. Овој систем обезбедува безбедност на пратките бидејќи „Пејпал“ е поврзан со сите пошти во светот и, ако се случи некоја пратка да се загуби, тој ги контактира поштите и проблемот може да се реши лесно – објаснува Ивановски. За оваа цел, како што истакна тој, ќе бидат потребни помали измени во Законот за банки, по што ќе може да се овозможи купување и продавање преку интернет. – Влезот на „Пејпал“ како најголем бренд е сигнал за другите земји дека Македонија е развиена земја бидејќи овој систем не влегува во секоја земја – информира Ивановски.

Владата донесе Закон за електронско тргување кој ги регулира сите стандарди и овозможува непрекинато тргување преку интернет, со тоа што граѓаните знаат каде да се упатат доколку има интернет-криминал, како што се службите во МВР и инспекциските служби во Министерството за економија. – Електронската трговија во Република Македонија е овозможена преку банките и системот Касис. Македонските фирми преку својата интернет-страна може да продаваат производи. Проблемот е кога сакаат да продаваат надвор затоа што македонските банки не се ставени во групата на реномирани банки од големите трансактори кои овозможуваат електронска трговија низ целиот свет – вели Ивановски. Тој објаснува дека доколку една компанија сака да продава производи низ светот, треба да отвори банкарска сметка надвор од Македонија каде што купувачот преку платежна картичка ќе ги префрли парите во таа банка и потоа од таа банка парите се трансферираат во македонската банка. Проблем има и доколку нашите граѓани сакаат да купуваат од странство. – Граѓаните што сакаат да купуваат преку интернет, не можат да го сторат тоа бидејќи нашите платежни картички не се одобрени надвор од светските трансактори – информира Ивановски.

Извор: Време „ПЕЈПАЛ доаѓа во Македонија“ бр. 1459, 30 август, 2008.

Поврзани натписи