Мени

Стимулирање развој и вработувања: акциски план за удвојување на обемот на е-трговија во Европа до 2015 година

Развојот на електронската трговија и услугите преку интернет нуди огромен потенцијал за корисни економски, општествени и социјални промени.

За секое изгубено работно место надвор од интернет, интернет-економијата создава 2,6 работни места на интернет и нуди подобар избор за потрошувачите, вклучувајќи ги и оние во руралните и изолирани области. Придобивките што ги носат пониските цени на интернет и поголемиот избор на достапни производи и услуги се проценуваат на 11,7 милијарди евра, што изнесува 0,12 % од европскиот бруто домашен производ. Ако 15% од продажбата на мало претставува е-трговија и се отстранат пречките за внатрешниот пазар, придобивките за корисниците би можеле да достигнат 204 милијарди евра или 1,7 отсто од европскиот бруто домашен производ. Сепак, Европската комисија смета дека има многу пречки за потрошувачите и бизнисите да инвестираат целосно во услугите преку интернет: неинформираност или несигурност во врска со применливите правила, понуди кои се нетранспарентни и кои тешко може да се споредуваат, како и плаќања и начини на испорака кои често се скапи и несоодветни.

Токму затоа, како дел од законот за дигиталната агенда и единствениот пазар и како одговор на барањето на Европскиот совет да се достави детален план за комплетирање на дигиталниот единствен пазар до 2012 година, Комисијата усвои документ во кој се претставени 16 иницијативи за удвојување на уделот на е-трговијата во малопродажбата (во моментов изнесува 3,4 %) и уделот на интернет-секторот во европскиот бруто домашен производ (во моментов помалку од 3%) до 2015 година. До таа година, трговијата и услугите на интернет би можеле да учествуваат со повеќе од 20 % во порастот и работните места во некои земји-членки (како што се Франција, Германија, Обединетото Кралство и Шведска).

Мишел Барние, Комесар за внатрешниот пазар, Нели Крос, потпретседател на Комисијата одговорен за дигиталната агенда и Џон Дали, Комесар за потрошувачка политика, ја изразија својата амбициозна цел со овие зборови: „Во тешките околности со кои се соочува Европа мора итно да го искористиме секој извор на активност и нови работни места. Акцискиот план што го презентираме денес ќе создаде нови можности за граѓаните и компаниите и ќе и ги донесе на Европа потребниот раст и вработувања. Тој има за цел да ги отстрани пречките кои до сега го попречуваа развојот на интернет-економијата во Европа“.

Содржина на соопштението

Според законот за Единствениот пазар и Дигиталната агенда, соопштението промовира акциски план кој ќе го олесни прекуграничниот пристап до производите и содржините на интернет, решавајќи ги проблемите со плаќање, испорака и заштита и информирање на потрошувачите, помагајќи во решавањето на споровите и отстранувањето на нелегални содржини, а со тоа помагајќи и да се развие интернет кој е побезбеден и повеќе ги почитува основните права и слободи. Целта е да се создаде средина која е поверојатно дека ќе поттикне динамичен дигитален единствен пазар справувајќи се со проблемите што произлегуваат, промовирајќи ги инвестициите во безжично поврзување и новата генерација на фиксна инфраструктура и поддржувајќи го развојот на клауд-компјутинг.

Во соопштението е наведено дека потенцијалот на електронската трговија и услугите преку интернет ќе сочинуваат до 20% од работните места и порастот во следните пет години. Ќе се олесни и пристапот до стоки и услуги за географски изолираното или ранливо население, поддржувајќи кохезија низ Европа.

Во соопштението се наведени и пречките за развој на интернет-економијата: несоодветно информирање и заштита на потрошувачите, неефикасна испорака и плаќања, нелегална содржина со која сè уште тешко се управува, како и опасностите од ширењето на компјутерски криминал.

Историјат

Потрошувачите често немаат доверба во трговијата или услугите преку интернет и се загрижени за тоа дали нивните права ќе се почитуваат, особено кога ќе се појави проблем. Нив често ги фрустрира и тоа што одредени услуги не се нудат во нивната земја или затоа што не можат да купуваат во другите земји-членки, бидејќи, на пример, нема испораки до нивната земја или не се прифаќаат странски платежни картички. И на крај, тие понекогаш се лишени од пристап до широкопојасни мрежи и се соочуваат со пораст на компјутерскиот криминал.

Директивата за електронска трговија (2000/31/ЕЗ) ги утврдува правилата кои го олеснуваат обезбедувањето на услуги преку интернет во Европската унија и обезбедува дека овие услуги исполнуваат одредени критериуми. Со овој текст се поставија темелите за прекуграничните интернет-услуги. Поради тоа што е технолошки неутрален, беше потврден од страна на учесниците на јавната расправа одржана во 2010 г. како камен-темелник на дигиталниот единствен пазар. Затоа, целта е да се додава во него, но не и да се менува.

Директивата генерално бара од интернет-провајдерите да ги почитуваат правилата на земјата во која се основани и содржи одредби за заштита на потрошувачите. Исто така бара од давателите на услуги да ги истакнат, на пример, нивните информации за контакт на нивните веб-сајтови, како и гаранции дека рекламирањето е лесно да се идентификува како такво, но и дека ги заштитуваат корисниците од спам-пораки. Под одредени услови, Директивата исто така овозможува одрекување од одговорност за посредни даватели на услуги ако тие хостираат или пренесуваат нелегални содржини поставени на интернет од страна на трети лица.

Извор: Europe’s Information Society “Stimulating growth and employment: an action plan for doubling the volume of e-commerce in Europe by 2015” 11 декември, 2012.

Поврзани натписи