Мени

Турските демонстрации ги користат друштвените медиуми и покрај цензурата

Во други времиња, настаните како оние што сега се одвиваат во Турција веројатно би биле непознати за остатокот од светот. Но, во текот на изминатите неколку години, друштвените медиуми доживеаја спектакуларен развој, а се разви и нивната улога во промовирањето, организирањето и одѕивот на протести и револуции.

Протестите во Турција, првично организирани како реакција на владините планови за изградба на нов трговски центар на зелените површини во центарот, се претворија во демонстрации против политиката на владата.

Борбата меѓу турската влада и демонстрантите не се одвива само на улиците туку и на друштвените медиуми. Беа испратени огромен број твитови со хаштаг поврзан со протестот. Една од причините за оваа поплава од твитови е недостигот од покриеност на настаните во турските медиуми, којашто речиси ја нема. Турските протестанти започнаа да објавуваат твитови од протестот во живо и да користат паметни телефони за да вршат видеопренос во живо од протестите, истовремено повикувајќи ги Турците да ги исклучат телевизорите во знак на протест поради недостатокот на медиумска покриеност на протестите.

Турската влада реагираше обидувајќи се да ја зголеми цензурата врз медиумите на интернет и користејќи ги друштвените медиуми преку владини членови со сметки на Твитер. Премиерот, како и голем број од министрите користеа сопствена стратегија за да ги обвинат протестантите за дезинформации.

„Постои едно проклетство наречено Твитер. Таму има само лаги… Тоа нешто што се нарекува друштвени медиуми е проклетството на денешното општество“, изјави турскиот премиер Реџеп Ердоган.

Според TechCrunch, речиси е невозможно да се пристапи до Фејсбук и Твитер од Истанбул, како и од други делови на Турција. „Го сведоа протокот на минимум, така што официјално нема блокада, но страниците повеќе не се вчитуваат… се чини дека Владата ја намалува брзината со помош на TTNET – интернет провајдерот под нејзина контрола“, рече анонимен извор. Блокирани се и 3G-мрежите. Регулаторот на телекомуникациските компании на Турција тврди дека проблемите со пристапот се должат на преоптовареноста, а не на официјално блокирање за кое би бил потребен судски налог.

Членот на ЕДРи „Алтернативна информатичка асоцијација“ од Турција ја коментира моменталната ситуација: „Има голема веројатност дека биле употребени специјални блокатори од страна на полицијата за да се прекине целата комуникација во одредени области. Активистите нè информираа дека GSM-врските биле прекинати додека полицискиот хеликоптер кружел над плоштадот Таксим. Претставник на TTNET (монополскиот интернет провајдер со околу 90 % удел на пазарот) објасни дека тие не ја намалиле брзината на интернетот и дека веројатно полицијата користела блокатори“. Од провајдерот рекоа и дека собираат и анализираат докази за цензура на друштвените медиуми и други проблеми со блокирање, со цел да се обезбеди јасна слика за ситуацијата за време на протестите.

Во одговор на проблемите со пристапот, некои локални продавници ги отворија своите WiFi-мрежи за да овозможат пристап до интернет иако брзината беше многу намалена. Сепак, друштвените медиуми се покажаа како значаен инструмент кој на протестантите им служи како средство за комуникација и размена на информации, практично во реално време, на тој начин овозможувајќи попрецизен опис на настаните.

Според информациите за настаните, најмалку 24 лица се уапсени на 4-ти и 5-ти јуни, 2013 година поради пораки објавени на Твитер. Повеќе правни информации за овие состојби објавија Јаман Акдениз и Керем Алтипармак и покрај фактот дека понатамошното испитување на информации од вестите во моментот не е можно поради доверливоста на истрагите.

 

Извор: ЕДРИ-грам „Turkish demonstrations using social media despite censorship“ бр. 11.11, 5 јуни, 2013.

Поврзани натписи