Мени

Википедија на англиски јазик денес протестира

СКОПЈЕ, 18 јануари 2012 – Денес македонските посетители на Википедија на англиски јазик ги дочекува темен екран. Вики – заедницата одлучи да го „затемни“ англиското јазично издание на Википедија во следните 24 часа во знак на протест против два предложени закони – Законот за спречување на онлајн пиратерија (Stop Online Piracy Act – SOPA) во американскиот Конгрес и PROTECTIP (PIPA) во американскиот Сенат. Доколку овие закони се донесат, тоа ќе ја оштети слободата и отвореноста на интернетот и ќе овозможи нови алатки за цензура на меѓународните веб-страници во рамките на САД.

Администраторите на Википедија ја потврдија оваа одлука во понеделникот со јавна изјава.  

Во текот на 72 часа, над 1800 Википедијанци од САД, но и од остатокот на светот дискутираа и предлагаа активности против предложените закони. Ова е досега убедливо најголемото ниво на партиципација во заедничка дискусија на Википедија, што најдобро ја прикажува загриженоста на Википедијанците во врска со предлог – законите. Огромното мнозинство на учесници поддржуваат заедничко дејство со цел да се алармира јавноста за овие два предлог—закони. Најголема поддршка доби предлогот Википедија на англиски јазик да се „затемни“ и да им се приклучи на повеќе поголеми и помали американски веб-страници кои протестираат против предложените закони.

„Денес Википедијанците од целиот свет го изразија своето противење во однос на овие штетни закони“, рече Џими Велс, основачот на Википедија, кој и претходно предупреди дека предлог – законите имаат скриени цели кои се многу пошироки од спречувањето на онлајн пиратерија. „Иако жалиме што го спречуваме светскиот пристап до Википедија макар и за секунда, не може да го игнорираме фактот дека SOPA и PIPA ја загрозуваат слободата на изразување како во САД, така и во странство, и поставуваат застрашувачки преседан на интернет цензура во светот.“

Останатите јазични изданија на Википедија остануваат слободни за употреба во текот на денешниот ден, но пораки за поддршка на овој потег пристигнуваат од Википедијанците низ целиот свет. Вчеравечер, протестот го поддржa и Викимедија Македонија, чиј официјален став е дека донесувањето на американските предлог – закони „би имало негативни импликации во голем број од останатите земји во светот, посебно во оние каде што слободата на изразување и така не е на завидно ниво.“

Поврзани натписи