Мени

Вивиен Рединг ги побива аргументите на Обединетото Кралство против ефективна заштита на податоци

На 6-ти јуни 2013 година, потпретседателот на Европската комисија Вивиен Рединг одговори на писмото испратено два дена претходно од Крис Грејлинг, пратеник, Лорд канцелар на Обединетото Кралство и државен секретар за правда. Во нејзиното писмо детално ја побива анализата на дебатата за заштита на податоци од Обединетото Кралство.

Крис Грејлинг го проследи отвореното писмо на Комесарот за информации на Обединетото Кралство (КИОК) до Рединг кое го поддржува нејасниот „пристап базиран на ризик“ промовиран од страна на делови на индустријата. Писмото на КИОК предупредува за „ризиците“ од забрзувањето на процесот на реформи (сепак, поминати се само две и пол години од првобитното соопштение на ЕУ). „Брзината“ на овој премногу бавен процес, како што тврди КИОК, би била на штета на растот на компаниите, вработувањето и конкурентноста на ЕУ. Грејлинг завршува со промоција на писмо од лоби групата Бизнис Европа која изрази загриженост за потенцијалниот неурамнотежен и тежок пристап на предложениот нацрт.

Во одговорот на две страници, комесарот Рединг темелно ги побива аргументите изнесени од страна на државниот секретар за правда и КИОК/лобистите.

Што се однесува до растот на ЕУ, таа подвлекува дека еден закон за Европа ќе го олесни протокот на податоци и ќе им овозможи на компаниите да работат со еден надзорен орган. Ова е во согласност со барањето на Бизнис Европа, истакнува таа, додавајќи дека овој резултат може да се постигне само преку регулатива на ЕУ.

Во врска со намалувањето на трошоците, таа уредно ги истакнува очигледните противречности во аргументите на лорд канцеларот. Тој, од една страна е вознемирен од неконкурентната средина што би се создала со Регулативата, а од друга страна, очигледна е неговата поддршка за барањето на КИОК да го продолжи својот скап, бирократски и неефикасен систем за известување.

Што се однесува до проширувањето на пристапот базиран на ризик, таа објаснува дека ова е пристап на кој Ирското претседателство работи во изминатите месеци – што значи дека писмото за лобирање на Бизнис Европа пренесено до комесарот од страна на властите на Обединетото Кралство е навистина застарено.

Укажувајќи на нешто што би му било јасно на кој било надлежен национален орган за заштита на податоци (но очигледно не и на КИОК од Обединетото Кралство), таа објаснува дека приватноста и конкурентноста не се „антагонистички цели“ и ја истакна синергијата помеѓу заштитата на податоците и развојот базиран на доверба. Таа рече дека предлогот е и поттик за иновација и е во интерес не само на граѓаните, туку и на европските компании.

Комесарот Рединг остро ги нападна бесмислените аргументи за наводната „брзина“ на овој процес, истакнувајќи дека Директивата за задржување податоци (поттикната од Обединетото Кралство) беше изготвена од Советот на министри за само шест месеци.

Писмата од Обединетото Кралство ги покажуваат многубројните начини на кои неколку големи компании мобилизираат податливи политичари и креатори на политики за да ја завршат нивната работа и да ја поткопаат предложената регулатива. Целта е одложување, одвлекување на вниманието, бришење и уништување  – а сето тоа со помош на Комесарот за информации на Обединетото Кралство – човекот чија работа е да ги штити личните податоци.

Извор: ЕДРИ-грам „Viviane Reding dismantles UK’s arguments against effective data protection“ 10 јуни, 2013.

Поврзани натписи