Владата на Австралија побара коментари за нацрт-политиката со која поддршката за Отворениот формат на документи ќе биде задолжителна за алатките за канцелариска продуктивност кои ги користи администрацијата.
„Се размислува кој формат на документи да се воведе како општ и поддржан од пакетите за канцелариска продуктивност што ги користат владините агенции“, пишува Џон Шеридан, раководител за технологија во австралиската влада. „Со новиот нацрт се бара пакетите од канцелариски алатки да обезбедат поддршка барем за верзијата 1.1 на Отворениот формат на документи (ODF) за канцелариските апликации. Тој додаде дека политиката не го прави користењето на ODF задолжително.
Пишувајќи на веб-локацијата на владината канцеларија за управување со информации, тој ги повика читателите да ги разгледаат документите и да дадат свои коментари.
Флексибилност
Шеридан наведе шест примери на канцелариски пакети кои во моментов обезбедуваат целосна или делумна поддршка за ODF, „поддршка обезбедуваат голем број канцелариски пакети на различни платформи на оперативни системи, без разлика дали станува збор за слободен или комерцијален софтвер, овозможувајќи им на агенциите голема флексибилност при изборот на производот“.
Многу европски влади имаат политики кои бараат од нивните администрации да ја поддржат употребата на ODF. Тука спаѓаат Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија и Полска. Во извештајот од 2010 година на сега веќе непостојната ODF Алијанса се наведени 12 европски земји со политики за ODF. Генералниот директорат за информатичка технологија на Европската комисија создаде интернет сервис што овозможува секој да конвертира ODF во постари неслободни канцелариски формати.