Според едно интернет-списание наменето за корисници на оперативниот систем Linux, австриското министерство за правда од 2008 година извршило миграција на неколку илјади десктоп-компјутери кон OpenOffice, во една „успешна приказна“ што вреди да се истакне.
Одлуката ја донесовме во 2007 година, изјави Кристијан Адорјан од Државниот компјутерски центар на Австрија (BRZ) за време на неодамнешната презентација на конференцијата OSSBIG. Во тоа време се ажурираше оперативниот систем бидејќи добавувачот на комерцијален софтвер за министерството ја укинуваше поддршката за оперативниот систем што се користеше претходно. Тогаш беа разгледани софтверските карактеристики и се констатираше дека корисниците не се задоволни со канцелариските алатки што се користеа во тоа време. Lotus Word Pro се користeше како алатка за обработка на текст, додека за уредување текст се користеше интерно развиен софтвер.
Клучните карактеристики на OpenOffice Writer и оние на комерцијалниот софтвер за обработка на текст беа споредени на тест и се покажа дека не постојат значителни разлики во функционалноста при обработката на текст. Меѓутоа, OpenOffice совршено се интегрираше во апликациите на судството, кои изобилуваа со Java. Други клучни предности беа независноста од добавувачот и платформата, како и бесплатниот Отворен формат на документи (ODF) и секако заштедата на трошоци, затоа што купувањето лиценца веќе не беше потребно.
Миграцијата започна на почетокот на 2008 година со доброволно тестирање. Конечно, од септември 2008 и со помош на 8 обучувачи, 2.400 вработени во судството се префрлија на OpenOffice во период од 14 месеци. Обуката траеше еден ден и не беше потребна натамошна поддршка. Како резултат на тоа се добија многу позитивни повратни информации.
Извор: OSOR.eu „AT: Department of Justice’s migration to OpenOffice a success story“ 4 јули, 2011.



