„Мобилком“, мобилен оператор на „Телеком Австрија“, е заинтересиран да влезе на македонскиот пазар.

        „Мобилком“, мобилен оператор на „Телеком Австрија“, е заинтересиран да влезе на македонскиот пазар. Според зборовите на Борис Немсич, директор на „Мобилком“, намерата да бидат трет мобилен оператор во земјава е дел од плановите на компанијата да ја прошири дејноста и да го освои пазарот на Југоисточна Европа.

        Австриската компанија планира до крајот на годинава да инвестира во Србија и во Босна и Херцеговина, а потоа и во Македонија и во Црна Гора, пренесува Ројтерс. „Мобилком“ веќе е присутен во Хрватска, Словенија и во Лихтенштајн. Според Немсич, целта на компанијата е да стане најголем играч на телекомуникацискиот пазар помеѓу Дунав и Црно Море.

        „Мобилком“ склучи зделка со бугарскиот мобилен оператор “Мобилтел“. Кон крајот на минатата година понуди да откупи 51 отсто од црногорскиот телеком. Главен конкурент на тој тендер му е унгарски „Матав“. Австријците се силно заинтересирани за српскиот оператор „Мобтел“ и за босанскиот „Еронет“.

        Македонската влада неодамна најави дека наскоро ќе распише тендер за трет мобилен оператор, но набрзо се повлече од намерата. Наместо „Мобимак“ и „Космофон“ да добијат конкуренција, Министерството за транспорт и врски беше задолжено да направи дополнителна анализа за техничките и економските можности и услови за воведување трет мобилен оператор.

        Граѓаните со нетрпение го очекуваат третиот мобилен оператор надевајќи се дека ќе се намалат цените на услугите во мобилната телефонија. Со влезот на „Космофон“ цените се намалија за околу 30 отсто. Затоа е реално да се очекува услугите да поевтинат по влегувањето на трет мобилен оператор.