Се предвидува дека до крајот на 2008 година Македонија ќе оствари најголема стапка на пораст и во бројот на корисници и во вкупниот промет на операторите на Балканот
Бројот на корисници на мобилни телефони на Балканот (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија и Црна Гора) двојно ќе се зголеми до крајот на 2008 година, се предвидува во студијата на аналитичката куќа Ај-ди-си (IDC). Дотогаш се предвидува да има околу 14 милиони корисници со стапка на пенетрација од 69%. Минатата година пенетрацијата изнесуваше 44%. Вредноста на пазарот ќе надмине 1,6 милијарди евра, а скоро 10% од вкупната заработувачка на операторите ќе отпаѓа на врските за пренесување на податоци. Србија како земја со најмногу жители во регионот има и најмногу претплатници. На крајот на минатата година во Србија имало околу 4,37 милиони корисници на мобилни телефони. Од друга страна, Црна Гора, како најмал пазар, има најголема пенетрација која изнесува околу 89%.
Се предвидува дека до крајот на 2008 година Македонија ќе оствари најголема стапка на пораст и во бројот на корисници и во вкупниот промет на операторите. Во текот на 2003 и почетокот на 2004 година повеќето оператори во регионот биле фокусирани на активности типични за пазари кои почнуваат да растат. Тие активности опфаќале обезбедување на потребните лиценци, пронаоѓање на стратешки партнери, приватизација и проширување на покриеност со сигнал. Се предвидува дека во следните четири години јазот помеѓу услугите што ги нудат операторите во Централна Европа и балканските оператори ќе се намалува со забрзано темпо. До крајот на 2008 година повеќето од операторите на Балканот веќе ќе имаат мрежи од третата генерација.