Канцеларијата на претседателот на САД ја направи достапна својата апликација за петиции „Ние – народот“ како слободен софтвер. Софтверот е базиран на системот за управување со содржини Drupal. Кодот е достапен во складиштето за софтвер Github од минатиот четврток.
Отворањето на изворниот код за оваа апликација треба да ги поттикне другите влади и организации да ја користат оваа платформа за да ги ангажираат своите граѓани и електорати. Покрај тоа, можноста за увид од страна на јавноста и нејзиниот придонес за кодот на апликацијата ќе помогне платформата да се зајакне и подобри, објаснува Белата куќа во датотеката „Прочитај ме“ вклучена во софтверот и објавена на интернет-страницата на проектот на Github.
„Претседателот Обама е посветен на создавањето на најотворената и партиципативна влада во историјата на нашиот народ и оваа платформа за петиции е клучен дел од таа иницијатива. Во септември 2011 година, Белата куќа ја лансираше апликацијата „Ние – народот“, како моќен и едноставен начин за поднесување петиции до администрацијата на Обама, со цел истата да дејствува за голем број прашања. Доколку една петиција го собере минималниот број на потписи во одреден временски период, службениците ќе ја разгледаат и ќе објават официјален одговор“.
„Како дел од нашите заложби, лансираме нова интернет-алатка наречена „Ние – народот”- за да им овозможиме на Американците директно да поднесуваат претставки до Белата куќа и таа технологија ќе ја споделиме за да може сите влади во светот да им овозможат на своите граѓани да го сторат истото“.
Белата куќа соопшти и дека проектот не е предмет на домашната заштита на авторски права и дека е лиценциран под лиценцата GPLv2 или понова верзија.
Source: Joinup.eu “White House makes public software to create and sign petitions” 24 август, 2012.