Здружението за ИКТ на јавните администрации (IMIO) во Валонскиот регион на Белгија извести дека брзо се зголемува бројот на нови членови.

Година и пол откако беше основана од страна на Министерството за локална самоуправа на Валонија, организацијата брои 201 членови, вклучувајќи 165 општини, 25 центри за социјална работа, 5 полициски оддели и 3 провинциски организации. Повеќето од ИКТ-услугите што ги обезбедува здружението се засноваат врз слободен софтвер.

Здружението се формираше во ноември 2012 година, како резултат на присоединувањето меѓу давателот на ИКТ-услуги за Communesplone , група од јавни администрации што развиваат веб-сервиси базирани на слободен софтвер и Qualicité, организација за ИКТ-услуги за властите на Валонија.

IMIO известува дека оваа година ќе понуди повеќе од 300 веб-услуги. Поголемиот дел од членовите ја користат Plonemeeting, алатка за планирање состаноци и следење на официјалните барања. Втора по популарност е алатката „Guichet TéléService“, алатка за онлајн-рецепција. Има голема побарувачка и за „Gestion des séances délibérantes“, алатка за управување со состаноци.

Здружението за ИКТ на својата веб-локација соопшти дека се надева на создавање нови партнерства со парламентот на Валонија, Одделот за планирање, домување, недвижности и енергетика (DG04) и со организации за правни и ИКТ услуги.

Давателот на ИКТ-услуги очекува да игра клучна улога во користењето на слободниот софтвер во Валонскиот регион, со поддршката од регионалните политики.

Извор: Joinup.eu „Walloon public administrations increase sharing and re-use“ 1 ноември, 2013.