Со започнувањето на училишната година оваа есен, сите 460 основни и средни училишта ширум Македонија ќе имаат обезбедено нов пристап кон Интернет со голема брзина, благодарение на Американската агенција за меѓународен развој

        Со започнувањето на училишната година оваа есен, сите 460 основни и средни училишта ширум Македонија ќе имаат обезбедено нов пристап кон Интернет со голема брзина, благодарение на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), што е дел од Амбасадата на САД во државата.
 
        Услугата ќе биде овозможена преку проектот на УСАИД Македонија се поврзува (Macedonia Connects), кој потпиша неколкумилионски договор со Интернет сервис провајдерот Он.нет. Како резултат на овој договор, на училиштата и ученичките домови ширум државата до септември 2007 година ќе им биде обезбеден Интернет со голема брзина. Ова посебно ќе ги стави во предност руралните области, со оглед на тоа што ќе имаат пристап до услуги што претходно не биле на располагање во државата.

        Проектот Македонија се поврзува се спроведува од страна на Академијата за образовен развој (Academy for Educational Development), која дејствува во многу држави, вклучувајќи ги и САД, обезбедувајќи помош за подобрување на образованието, здравството и економските можности.
 
        Македонскиот партнер во проектот, Он.нет, е Интернет сервис провајдер со седиште во Скопје. Он.нет беше избран за партнер на јавен тендер.