Интервју со Бардил Јашари, извршен директор на „Метаморфозис“, за заштита на личните податоци и приватноста на интернет за akademik.mk
Интервјуто со Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис е целосно преземено од akademik.mk
„Метаморфозис“ е невладина организација која веќе 15 години, меѓу другото, работи на заштита на човековите права на интернет и описменување на граѓаните за нивните права на интернет. Кои се Вашите сознанија, дали постои позитивен раст во знаењето за правата на интернет кај граѓаните?
Со предизвиците поврзани со дигиталните права Фондацијата „Метаморфозис“ се занимава од своето формирање во 2004 година. Бидејќи нашата мисија како организација е да се зголеми квалитетот на живеење преку употреба на дигиталните технологии, тогаш како и сега, фокусот ни е во заштитата и унапредувањето на приватноста на интернет и слободата на изразување. Сметаме дека користењето, но и придобивките од интернетот и од другите дигитални технологии ќе се зголемат доколку корисниците на интернет се чувствуваат слободни и безбедни и доколку се сигурни дека нивните лични податоци нема да се злоупотребат.
Оттогаш многу работи се сменија. Прво драстично се зголеми бројот на интернет корисници, потоа се зголемија содржините достапни на интернет, се зголеми и бројот на услуги достапни преку интернет, за кои многу често треба да ги внесеме нашите лични податоци, со тоа нормално се зголемија и предизвиците. Како во светот така и кај нас имаше разновидни проблеми поврзани со злоупотребата на личните податоци. Тоа, од една страна, придонесе корисниците да бидат претпазливи и свесни за предизвиците поврзани со човековите права, но пред сè во однос на приватноста. Почнаа да се едуцираат самите, но и да бараат можности за едукација, а истовремено и да бараат одговорност како од фирмите што нудат дигитални сервиси така и од државата. Од друга страна, државите почнаа да ги усогласуваат законите и да донесуваат нови закони и политики, со цел да обезбедат заштита на личните податоци на граѓаните. „Метаморфозис“ од самиот почеток, во соработка и со други НВО, работи со граѓаните преку обуки и кампањи за подигање на знаењето и јавната свест за приватноста. Истовремено соработуваме со фирми што нудат дигитални сервиси, но и со релевантните државни институции кои се одговорни за заштитата на личните податоци, за да придонесеме во создавањето на правна рамка и воопшто дигитален екосистем, во кој граѓаните ќе се чувствуваат слободни, компетентни и безбедни да ги користат дигиталните технологии и да ги почувствуваат придобивките од неизбежната дигитална трансформација на нашето општество. Денес свеста и знаењето за предизвиците поврзани со приватноста, но и со другите права на интернет се зголемени, се разбира со развојот на технологијата се менуваат и предизвиците, така што постојано сите имаме потреба да следиме, да се едуцираме и да реагираме кога за тоа има потреба, за во сржта на дигиталната трансформација да останат човековиот интегритет и човековите права.
Неодамна потпишавте меморандум за соработка со Агенцијата за заштита на личните податоци – одлична иницијатива на една владина и една невладина организација кои имаат заедничка цел – описменување на граѓаните за заштита на нивните лични податоци. Какви активности планирате за оваа цел?
Во февруари 2020 година беше донесен новиот Закон за заштита на личните податоци во Македонија кој е целосно усогласен со Општата регулатива на ЕУ за заштита на податоците (GDPR). Новиот закон стапи во сила на 24 август 2021 година. Согласно со овој закон, сите правни субјекти во нашата земја треба да ги усогласат своите внатрешни процедури и политики со новиот закон, а проектот што го спроведува „Метаморфозис“, поддржан од таканаречениот Инструмент за демократија и човекови права на ЕУ, ќе помогне во спроведувањето на овие мерки за организациите од граѓанското општество, државните институции и бизнис секторот. Новата регулатива им дава на граѓаните поголема моќ преку зголемување на нивните права за контрола врз обработката на нивните податоци. Проектот има за цел да ги направи овие предности и привилегии поблиски и поочигледни за граѓаните. Со Агенцијата за заштита на личните податоци ќе работиме заедно во едукацијата на граѓаните за нивните права на приватност кои произлегуваат од новиот закон, а истовремено заедно ќе работиме во градењето на капацитетите на одговорните службеници за заштита на податоците во институциите на државата – да развиваат и да имплементираат стандарди кои ќе обезбедат ефикасна заштита на правата на приватност на граѓаните на интернет – особено при користење на е-услуги.
Преку проектот, исто така, ќе се организираат обуки за други невладини организации за да се вклучат во одбрана на приватноста на интернет и компетентно да ги изразат своите грижи за приватноста и примената на вештачката интелигенција кај сите релевантни чинители: државата, бизнисите итн.
Имате многу контакти и соработка со различни организации од многу земји во светот. Доколку би се направила споредба на нивото на заштита на правата на интернет, каде би ја позиционирале Македонија во однос на другите земји од светот?
Со интернетот и глобализацијата предизвиците во Македонија и светот се слични и заеднички, но битната разлика е во капацитетот што ги имаат институциите ефикасно да се справат со предизвиците и последиците од дигиталната трансформација врз човековите права и особено посветеноста на засегнатите страни тие да се решат. Кај нас поголемиот дел од институциите ги немаат потребните ресурси, капацитети и знаења да се справат со тие предизвици. Сајбер безбедноста станува многу важна и директно влијае врз човековите права, но кај нас иако постојат иницијативи и стратегии, сепак нема системски пристап ниту капацитети за да се справиме со овие проблеми. Тоа ја прави работата потешка. Токму затоа се потребни заеднички напори и посилна соработка помеѓу државните актери – владата, парламентот, судството, Дирекцијата за заштита на личните податоци, приватни компании, академијата, невладини организации, меѓународни организации, како и јавноста во целина. Задачата е тешка, но не е невозможна.
Каков совет би им дале на граѓаните на Македонија во врска со заштитата на нивните права на интернет?
Дигиталната трансформација на нашето општество е во тек и ќе продолжи, дигиталните технологии веќе влијаат врз сите нас, сите ги користиме на еден или друг начин, дали за работа, дали за учење, играње, забава или дружење. Луѓето и компјутерите, роботите, ќе треба да се научиме да живееме заедно, во тесна врска. Доколку сакаме таа врска да успее и да биде во полза на луѓето, треба подобро и посериозно да се осврнеме на етичките и правните импликации што ги носи вештачката интелигенција и дигиталните технологии воопшто. Затоа е важно да се вклучиме што е можно повеќе во обликувањето на дигиталната агенда при примената на дигиталните технологии, а особено вештачката интелигенција.
Во ред е да бидеме критички настроени, па дури и скептични спрема новите технологии, но мојата порака е дека не треба да се плашиме од нив и да создадеме отпор кон дигитализацијата, напротив треба да ги користиме, но истовремено да бидеме внимателни, да бидеме ангажирани, да учиме како безбедно да ги користиме во наша полза. Во „Метаморфозис“ веруваме дека секој поединец има можност да придонесе, не треба да бидеме пасивни и само да чекаме од државните органи или фирмите да се грижат за нашите права. Како организација се залагаме за општество во кое ангажирани и свесни граѓани активно се служат со иновативни алатки за остварување на своите граѓански права и одговорности, општество во кое тие не се плашат да се вклучат, да се однесуваат критички, да придонесуваат и да бараат одговорност.
Сподели:
Останати блог текстови
Секој министер се пофали и се сликаше за проектот „Една точка за услуги“, но тој никогаш не успеа - Мета.мк Новинска агенција
28.04.2023
Колаж од посетите на владините функционери во канцелариите „Една точка за услуги” / Фото: Државни институции Канцелариите „Една точка за услуги“ кои беа отворени во Скопје, Куманово, Охрид, Битола и во Тетово со цел граѓаните да му кажат „збогум“ на чекањето на шалтерите, ќе бидат затворени и на нивно место ќе бидат отворени 333 шалтери […]
Заштита на вашиот дигитален идентитет: Важноста на „сајбер хигиената“
25.04.2023
Во денешното дигитално доба, поважно е од кога било да преземете чекори за да се заштитите од сајбер заканите. Од вируси и малициозен софтвер па сѐ до измами со фишинг и кражба на идентитет, има многу ризици кои можат да ги компромитираат вашите лични информации и да направат хаос на вашите уреди. Затоа практикувањето добра […]
Комуникација со граѓаните за дигиталната трансформација– важен придонес за премостување на јазот
24.04.2023
Дигиталната трансформација ги менува нашите животи на начини што не можевме да ги замислиме дури ни пред неколку децении. Таа донесе нови можности и предизвици и го трансформира начинот на кој живееме, работиме и комуницираме меѓусебно. Сепак, комуникацијата со граѓаните за дигиталната трансформација може да биде предизвик, особено на Западен Балкан, каде што сè уште […]
Институциите како причина за нарушувања на приватноста во медиумите
19.04.2023
Дури и ако надлежните државни органи откријат приватни податоци на сторител или жртвата, медиумите не смеат да ги пренесуваат тие информации. Грешка од страна на државните органи не значи „дозвола“ за прекршување на етичките начела на професијата. Ова го вели Етичкиот кодекс на српските новинари, но медиумската практика често е сосема поинаква. Зошто е тоа […]
„АДА“, дигиталниот асистент базиран на вештачка интелигенција кој ќе им дава информации на граѓаните за државната помош - Мета.мк Новинска агенција
10.04.2023
Дигиталниот асистент „АДА“; Фото: Влада на РСМ Инвеститорите и граѓаните ќе можат да добиваат информации за програмите за државна помош на Владата на РСМ преку првиот дигитален асистент „АДА“ кој е базиран на вештачка интелигенција. Вака информираат од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), по […]
Употребата на вештачката интелигенција во државните институции е корисна, но опасна е ако се злоупотреби - Мета.мк Новинска агенција
09.04.2023
Фото: Pixabay.com Користењето на вештачката интелигенција во јавниот сектор би помогнало да се зголеми квалитетот на услугите, да се заштеди времето и парите на граѓаните, но и да се спречи корупцијата. Меѓутоа, ако вештачката интелигенција се користи нетранспарентно, последиците ги надминуваат придобивките. Ова го велат експертите за влијанието на вештачката интелигенција доколку се користи од […]