
Загриженоста на Кина
Кинеската влада е лута на Самитот за демократија организиран од американскиот претседател Џо Бајден. Оваа влада се обиде оваа загриженост да и го стави на знаење на целиот свет. Една недела пред самитот, таа набрзина го организираше својот Форум за демократија и објави документ (White paper) наречен „Кина: Демократија која функционира“, како и извештај со наслов „Состојбата на демократијата во САД“. Во исто време, овие активности беа придружени со многу написи, прес-конференции и објави на социјалните мрежи кои ја фалат моќта на кинеската „демократија“ и нејзината наводна супериорност над американската демократија.
Постојат многу причини за оваа загриженост. Пекинг гледа на Самитот за демократија како обид да се прикаже трката меѓу САД и Кина како пресметка меѓу две демократии, едната што Кина ја прифаќа и другата што ја отфрла. Кина инсистира на своето тврдење дека тие имаат „народна демократија“ која функционира подобро од демократијата на западните земји и дава подобри резултати за народот. Оваа тврдење е важен дел од амбицијата на Кина да се претстави како глобален лидер.
Прикажувањето на Кина како автократска земја не придонесува за оваа амбиција, и оттука произлегува и дел од нивната грижа. Но, она што Кина не сака да го разбере е дека демократијата, меѓу другото, подразбира и слободни избори, на кои победникот не се знае од почеток, и дека кинескиот модел што тие упорно го промовираат и нивниот обид за редефинирање на демократијата е во спротивност со основните демократски принципи.
Друга грижа за Кина беше учеството на Тајван на Самитот. За Кина ова е двоjно понижување, бидејќи покрај историскиот спор во кој Кина го смета Тајван за свој дел, тука е и самото учество на Тајван на настан на кој Кина не беше поканета. Со тоа, администрацијата на претседателот Бајден јасно стави до знаење дека САД и нејзините сојузници го поддржува просперитетот и безбедноста на Тајван.
Значи, од кинеска гледна точка, Самитот е иницијатива која има за цел да го забави и намали кинеското влијание во светот. Овој пат бројот на вклучени држави е многу голем, факт што го прави Самитот за демократија да изгледа помоќен во очите на кинеската влада и се сфаќа како обид да се зајакне расположението против Кина и да се формира „антикинеска коалиција„ во светот.
Соработка и против невоени напади
САД треба да ги зајакнат демократските институции во својата земја, кои истотака претрпеа удари во последните години, за да го вратат својот имиџ како земја пример role-model за целиот свет, како што било и останува за нас на Балканот, а во исто време да соработува со другите демократски земји поддржувајќи ги кревките демократии, не само на Балканот, туку и во другите земји. Земји кои се повеќе се жртви на разни невоени напади: сајбер напади, лажни вести, разни кампањи за дезинформации, мешање во изборите – кои имаат за цел да се урне довербата во демократијата и да се разбијат институциите. Тоа ја прави критична соработката во областа на технологијата, која денес е во центарот на економскиот, воениот, идеолошкиот и геополитичкиот натпревар меѓу демократските и автократските земји. Поддршката на балканските земји на полето на „сајбер безбедноста“ е витален дел од напорите за заштита на демократијата.
Самитот за демократија може да биде добра појдовна точка и вреден потфат во овој поглед. Тој претставува извонредна можност за сите демократи ширум светот и оние кои веруваат во демократијата – предводени од САД, да излезат заедно со конкретни активности против растечките тенденции на авторитаризмот и неговите напади врз демократијата и бранителите на демократските вредности.