За време на организирањето на демократски избори, еден од предизвиците со кои се соочуваат земјите кои имаат релативно нов демократски режим, особено земјите кои излегоа од комунистичкиот режим, е недостатокот на јасни надлежности и доволно ресурси на институциите за управување со изборите. Културата на воведување нецелосни измени на изборните закони непосредно пред изборите му штети на демократскиот процес додека жените се многу малку застапени во изборните процеси. Ова го вели меѓународната експертка за демократски избори и родови прашања, Татјана Хилшер-Богушевиќ во интервју за Portalb.mk. Хилшер-Богусевич има петнаесетгодишно искуство во оваа област.
Инаку, Хилшнер Богусевиќ е ангажирана како експертка за обезбедување праведност, транспарентност и инклузивност во политичкото рекламирање и медиумското претставување во рамки на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“ кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) со поддршка од Владата на Обединетото Кралство. Во рамки на проектот таа заедно со други експерти од областа работеше на длабинска анализа на тема „Кон инклузивни интернет портали и изборно рекламирање во Северна Македонија“.
Врз основа на Вашето искуство како изборна набљудувачка и советничка за изборни реформи, претежно во постсоветски и во поранешни комунистички држави, може ли да ни кажете во што се различни или слични овие држави кога станува збор за демократски избори?
Татјана Хилшер-Богусевич: Ви благодарам. Интересно прашање. Интересно е и како го формулиравте, истакнувајќи дека секогаш ќе има некои разлики и некои сличности меѓу процесите и апсолутно имате право за тоа. Доколку разгледаме некои заеднички предизвици со кои се соочуваат многу помлади демократии или демократии во развој, веројатно би истакнала три проблеми што ги сметам за најважни.
Пред сè, слабоста на демократските институции. Предизвикот е што многу институции, какви што се органите за управување со изборите, институциите одговорни за регистрација на гласачи, надзорот над финансирањето на кампањите или решавањето изборни спорови, законски или во практика, често немаат јасен мандат да го прават тоа што го прават. Исто така, немаат капацитет и ресурси. Ова понекогаш се должи на законската регулатива, но и на практиката, бидејќи овие институции честопати, во повеќе држави, подложат на притисок од политичките чинители или од извршната власт. Тој притисок во основа ги прави поранливи и ја поткопува довербата на гласачите.
Би го издвоила овој проблем. Друг аспект е политичката поларизација и недостигот на јавна доверба во изборите како главен правичен механизам за политичка промена. Ова често е поткопано од практики какви што се купување гласови, злоупотреба на административни ресурси, но и од аспект на медиумите.
Дезинформации?
Татјана Хилшер-Богусевич: Дезинформации, апсолутно имате право. Довербата на гласачите во изборите како главен механизам за промена е многу кревка и треба да се заштити.
Освен тоа, би сакала да ги нагласам учеството и застапеноста – инклузијата, како таква – и застапеноста на различни групи, без оглед дали станува збор за жени, национални малцинства, лица со попреченост итн. Во многу држави веќе има закони за да се создаде законска основа за учество. Проблемот е во тоа што овие закони многу често не се спроведуваат. Како резултат на тоа, сведоци сме на недоволно учество од ранливите групи и други заедници, чии гласови остануваат неслушнати во изборниот процес. Овде забележувам сличности во предизвиците со кои се соочуваат различните земји.
А дали има некаква разлика? Мислам, сфаќаме дека има разлика од држава до држава, но која е главната разлика, од еден регион до друг? Дали еден е понапреден од друг?
Она што би го издвоила како интересен елемент, можеби, е тоа што во некои држави, како што велите, се многу различни поради различните избирачки системи. Меѓутоа, за многу држави важна мотивациска улога имаат надворешни фактори – какви што се можноста за членство во ЕУ или влез во европското семејство.
За да бидат подемократски…
Татјана Хилшер-Богусевич: Да! Бидејќи има потреба од усогласување; законите треба да се усогласени со европските норми. Но, исто така, служи и како можност за да се ревидираат и да се спроведат долгоочекуваните реформи. На пример, ревизија на устави или други структурни реформи. Во Северна Македонија оваа мотивација беше значителна во минатото и резултираше со одреден напредок. Меѓутоа, се чини дека оваа мотивација опаѓа. Сега гледаме сличен мотивирачки фактор во држави како Молдавија, Грузија и Украина, кои се соочуваат со нови изгледи за приклучување на европското семејство.
Може да се каже дека тоа е мотивација.
Татјана Хилшер-Богусевич: Да, и понекогаш недостига. Во многу држави не постои овој надворешен поттик. Без него е многу потешко да се постигне промена.
Ја споменавте Македонија. Бевте овде во 2018 година како главна консултантка за застапување изборни реформи. Може ли накратко да ни кажете какво беше тоа искуство? Што работевте овде и кои беа главните предизвици?
Татјана Хилшер-Богусевич: Тоа беше навистина многу интересно искуство за мене. Тогаш бев консултантка за ОБСЕ ОДИХР. Бев повикана како поддршка за проектот за Западен Балкан, кој конкретно беше сосредоточен на изборни реформи. Мојата улога беше како советник на работната група воспоставена во рамките на Министерството за правда за преглед на препораките дадени од ОБСЕ/ОДИХР за неколку минати изборни циклуси и да советувам како може да се спроведат овие препораки во практика.
За мене ова беше многу интересно бидејќи претставува формат што е многу ценет во меѓународната практика. Зошто? Бидејќи Северна Македонија, како и сите други земји учеснички во ОБСЕ, е посветена на дејствување според минатите препораки. Така, самиот процес покажа усогласеност со тие препораки. Беше инклузивен, заснован врз меѓупартиска соработка за подобрување на изборните процеси и беа вклучени граѓански организации. Работната група подготви многу сеопфатни предлози за да се подобрат изборните постапки и Изборниот законик.
Што се случи потоа?
Татјана Хилшер-Богусевич: Не е сè толку розово. Кога заврши процесот, се случија две големи нешта. Прво, се случи референдумот, кој им го одврати вниманието на законодавците од изборните прашања. Второ, Изборниот законик беше изменет пет-шест пати.
Да, најмалку петпати.
Татјана Хилшер-Богусевич: Истиот формат на работна група беше воспоставен барем трипати. Продолжија да развиваат еднакво напредни препораки, но само мал број од тие препораки станаа дополнувања на Изборниот законик. Еден проблем е што постои една упорна навика овде во Северна Македонија…
Култура?
Култура на воведување нецелосни измени во изборните закони непосредно пред избори. Овие измени често ја одразуваат непосредната политичка реалност или договори, но не поттикнуваат сеопфатна ревизија на законите.
И всушност, секогаш пред избори влегуваме во маѓепсан круг. Па, каков би бил Вашиот главен совет. Кога би можеле да резимирате, како можеме да го подобриме ова, освен да имаме политичка волја и да бидеме демократска земја?
Неопходно е да се продолжи по истиот пат. Состојките, ако може така да се наречат, се точни. Како држава или како институции, како чинители – без оглед дали станува збор за граѓанското општество или за политичките партии – тоа се вистинските чекори. Неопходно е само навистина да се спроведат докрај. Предлозите и подобрувањата треба да се претстават за дискусија во парламентот во сеопфатната форма како што биле подготвени, бидејќи има знаење, има искуство и има добри аргументи.
Недостига само имплементација… Да преминеме на родовите прашања. Би сакала да споменам дека, според извештајот за мониторинг на Метаморфозис, главно имало недоволна застапеност на жените во медиумите во последните парламентарни избори во Македонија. Како можеме општо да го подобриме ова?
Тоа е фокусот на мојата моментална работа за ИФЕС. Всушност, навистина многу ги искористивме наодите на Метаморфозис и се обидовме да го искористиме тоа за да ја разгледаме и уредничката покриеност на жените во онлајн порталите или интернет-порталите и во политичкото рекламирање. Поради овој двоен фокус, сега поминавме неколку денови во Тетово и во Штип, во разговор со соговорници какви би можеле да бидат решенијата за оваа ситуација. И морам да кажам дека, барем од моја перспектива, треба да гледаме на ситуацијата од две страни. Од една страна, овде се медиумите – онлајн порталите – и улогата што би можеле да ја имаат во подобрувањето на ситуацијата. Од друга страна, овде се и политичките партии бидејќи во крајна линија тие се чуварите. Тие се комуникаторите во однос на тоа кои информации ќе бидат споделени.
Ако се фокусираме на политичките партии, мислам дека е мошне важно да се запрашаат: Дали назначуваме доволно жени да зборуваат, да даваат интервјуа, на пример, за клучни стратегиски прашања? Дали номинираме жени и, со тоа, дали покажуваме дека жените имаат право на збор, имаат мислења и имаа самодоверба да зборуваат за овие прашања? Исто така, дали и самите политички партии користат родово-сензитивен јазик? Сите овие прашања се мошне важни и може да пратат многу позитивен и значаен сигнал во однос на тоа како се перципираат жените.
Друга димензија за која разговаравме е дека политичкото рекламирање за време на изборите е покриено од државни средства. Тоа се пари на даночните обврзници. Всушност, меѓународна добра практика и сосема нормално е да се постават барања за тоа како се трошат овие пари. На пример, една можност за која разговараме е да се воведат таканаречени „родово-насочени мерки“. На пример, би можело да се побара од политичките партии да потрошат 30 или 40 % од своите средства или медиумски простор конкретно за промоција на жените. Вакви примери постојат во меѓународната практика и сите функционираат мошне ефикасно.
Друг пристап е да се наменат дел од средствата, можеби дури и на државно ниво, што би биле достапни за квалификуваните политички партии за родово-насочена работа во текот на парламентарниот мандат. Ова би значело дека фокусот нема да биде само врз изборите туку и врз интегрирање мерки што се наменети за подобрување на медиумската застапеност на жените во целина. Во меѓународната практика има многу примери како може да се направи ова. Во основа, централната идеја е дека јавните средства мора да се користат за јавно значајни цели, меѓу кои е и родовата еднаквост.
Но, кога велите дека родовата еднаквост е многу важна, може ли да ни кажете зошто е важно оваа медиумска покриеност да не биде само за време на изборите туку општо? Зошто е важно да се прошири сферата и да се овозможи соодветна застапеност на жените?
Татјана Хилшер-Богусевич: Во основа, затоа што медиумите – а сега сè повеќе и онлајн и социјалните медиуми – се примарен извор за политички информации за граѓаните и за гласачите. Оттаму добиваат информации и имаат значителна улога во обликувањето на сликата што ни се прикажува, зар не? Кога жените се целосно исклучени од покривањето или кога жените не се претставени како самостојни, компетентни чинители туку преку сензационализам или стереотипно претставување во семејни улоги, ова е сликата што ја проектираме како општество. За гласачите ова ја нормализира идејата дека политиката не е за жени, дека е простор за мажи чинители, кои се покомпетентни или попрофесионални. Оваа перцепција значително влијае врз однесувањето на гласачите, како, на пример, дали кога ќе видат име на жена на гласачкото ливче тоа поттикнува позитивна мотивација или колебање.
Медиумите имаат голема улога во тоа како се пренесуваат овие пораки. Можете ли да споделите „трикови“ и совети за тоа како може да се подобрат медиумите во овој поглед?
Татјана Хилшер-Богусевич: Доколку се фокусираме конкретно на онлајн порталите – а токму на тоа и сме насочени во моментов – веќе постојат одредени мерки. Проблемот моментално е во тоа што онлајн медиумите не се признаени како даватели на медиумски услуги. Ова треба да се реши за да се осигури регулирање и мониторинг.
Од позитивна страна, веќе постојат доволно саморегулирачки механизми преку Здружението на новинари, Советот за етика и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. Постојат кодекси на однесување што даваат доволно насоки. Би било позитивен чекор доколку онлајн порталите формално ги поддржат овие инструменти или доброволно се регистрираат во регистарот на онлајн медиуми на Советот за етика. Со приклучувањето кон овие инструменти, тие ја сигнализираат нивната посветеност на овие начела.
Исто така, клучни се и основни промени, како што е фокусирање врз суштината на тоа што го кажуваат жените – така што ќе се нагласи нивната компетентност и ќе се оттргне фокусот од нивниот изглед или од облеката што ја носат. Со тоа би се зголемила важноста на гласовите на жените на телевизија, во онлајн портали и во општеството.