Британската фонографска индустрија (BPI) продолжува со офанзивата против веб-локации обвинети за кршење на авторски права.
Врз основа на Законот за авторски права, дизајни и патенти од 1998 г., групата во 2012 година од Високиот суд издејствува блокирање на Newzbin2 и The Pirate Bay преку неколку големи британски интернет-провајдери и во октомври 2012 година, повторно побара од шест интернет-провајдери (BT, Sky, Virgin Media, О2, ЕЕ и TalkTalk) да започнат со блокирање на уште три водечки BitTorrent веб-локации: Fenopy, H33t и Kickass Torrents.
Интернет-провајдерите се согласија да ги блокираат овие веб-локации, но само врз основа на судски налог. Затоа, Британската фонографска индустрија го поднесе овој предмет до Високиот суд од кој се очекува наскоро да донесе одлука и да ги издаде налозите за блокирање. Очигледно, интернет-провајдерите нема да се противат на налозите.
„Блокирањето на веб-локации е екстремен одговор. Со овој преседан се зголемуваат стравувањата дека блокирањето веб-локации ќе стане премногу лесно и брзо. Потребно е време за да се разгледа легитимната употреба на веб-локациите. Треба да има поконкретна и соодветна дефиниција на конкретната URL или IP-адреса којашто треба да се блокира, за да се избегнат грешки“, вели членот на ЕДРи – Open Rights Group.
Иако интернет-провајдерите можат да ги блокираат веб-локациите само со судски налог, плагијаторските веб-локации со слични имиња можат да се блокираат директно, без потреба за судска интервенција и без транспарентност.
„Кога една веб-локација ќе се блокира, ќе може да се блокираат и нејзините наводно клонирани веб-локации, но во овој случај Британската фонографска индустрија ќе може тоа да го прави без судски налог. Одлуките ќе ги носат Британската фонографска индустрија и интернет-провајдерите, а нема да се објавуваат“, соопшти Open Rights Group.
Загрижува и тоа што блокирањето е на неопределено време. Ако списокот со блокирани веб-локации се зголемува, можно е јавноста да не дознае за голем број од нив.