На 12 февруари, 2009, Европската комисија предупреди дека ќе покрене судска постапка против британската Влада поради тоа што не ги обезбедила бараните информации од изминатите тестирања на рекламната технологија Phorm.
Досега, Комисијата испрати три писма барајќи информации за тајните тестирања на британскиот телеком и Phorm, од кои последното беше испратено кон крајот на јануари, 2009 г. Комисијата сè уште нема добиено задоволителни одговори, бидејќи одговорот единствено се фокусираше на идната примена на технологијата, без да се осврне на прашањето за изминатите тестирања.
Тестирањата, спроведени во 2006 и 2007, со кои се следат навиките за интернет пребарување на корисниците на британскиот телеком без нивна согласност, резултираа со жалби од поборниците за приватност и политичарите кои аргументираа дека со тие активности се прекршувале законите за пресретнување и заштита на податоци. Во јули, 2008, Александер Ханф поднесе жалба до полицијата сметајќи дека тестирањата на британски телеком не биле во согласност со RIPA и Актот за заштита на податоците бидејќи не била побарана согласност од корисниците.
Сепак, во септември 2008, полицијата во Лондон го информираше Ханф дека не би ја продолжиле истрагата поради “недостиг на криминални намери“.
„Една од главните причини за оваа одлука е недостигот на криминални намери од страна на Британски телеком и Phorm во врска со тестирањата. Исто така се верува дека би имало одредено ниво на согласност од корисниците на БТ за тестирањата, бидејќи целта беше да се подобрат нивните производи,“ напиша детективот наредник Бери Мјуреј.
Иако регулаторите во Велика Британија подготвија правила за идната примена на Phorm со кои се бара компанијата да не задржува податоци од историјата на користење на веб-сајтот, да ги исклучи чувствителните теми на пребарување и да добие согласност од корисниците обезбедувајќи информации за конкретната технологија, според членот на ЕДРИ од Велика Британија – Open Rights Group, не е јасно дали се бара согласност и од корисниците и од посетените веб-сајтови.
„Доколку интернет провајдерите кои применуваат Phorm технологија за пресретнување на комуникациите помеѓу нивните корисници и сопствениците на веб-сајтовите што ги посетуваат немаат експлицитна дозвола од двете страни, тие веројатно прават прекршок според Регулативата на Актот за истражно овластување (RIPA), легислатива која го регулира пресретнувањето на комуникации во Велика Британија“, соопшти групата.
Phorm продолжува и покрај повторените прашања и истраги и предупредувањето на Европската комисија. Во тек на интервјуто на 9 февруари, главниот извршен директор на компанијата изјави дека системот ќе биде активен во Велика Британија до крајот на 2009. Компанијата исто така има потпишано договори со други два големи интернет провајдери во Велика Британија, Carephone Warehouse и Virgin Media.
EC warns gov’t over Phorm foot-dragging (12.02.2009)
http://news.zdnet.co.uk/security/0,1000000189,39615480,00.htm
BT finishes trial, expects to use Phorm (15.12.2008)
http://news.zdnet.co.uk/communications/0,1000000085,39578006,00.htm
Police drop investigation into BT’s Phorm trials (23.09.2008)
http://news.zdnet.co.uk/security/0,1000000189,39492793,00.htm
Phorm: damn the EU, full speed ahead! (11.02.2009)
http://arstechnica.com/tech-policy/news/2009/02/phorm-damn-the-eu-full…
EU calls phoul over ad company Phorm’s invasive snooping (15.08.2008)
http://arstechnica.com/old/content/2008/08/eu-calls-phoul-over-ad-comp…
EDRIgram: UK: Phorm threat (28.01.2009)
http://www.edri.org/edri-gram/number7.2/phorm-uk



