На конференцијата на британските автори на музика одржана на 1 декември, 2008 г., министерот за култура Енди Брнам соопшти дека британската влада го поддржува продолжувањето на рокот на важност на авторските права за аудио снимки на 70 години.
Одлуката е спротивна на препораките на Ендру Гоуерс, кој во својата анализа на авторските права од 2006 г. го поддржа задржувањето на рокот од 50 години важност на авторските права. Сепак, таа повеќе сообразува со предлозите од февруари 2008 на Комесарот за внатрешни пазари на Европската комисија – Чарли Меккриви за зголемување на периодот на заштита на 95 години.
Во моментот, приходите од аудио снимките ги добиваат музичарите кои имаат своја изведба на снимката и сопствениците на таа снимка. Брнам јасно ги поддржува првите и апелира до музичката индустрија да осигури дека од оваа мерка ќе имаат полза музичарите, наместо големите компании во индустријата. „Сакаме индустријата да даде добри, практични идеи околу тоа како еден предлог за продолжување на рокот на важност на авторските права може да се намести за директно и претежно да им оди во полза на изведувачите – на студиските и промовираните музичарите,“ изјави Брнам.
Со предлогот на Европската комисија усвоен на 16 јули, 2008 г., се воведува продолжување на периодот на важност не само за изведувачите туку и за продуцентите. Предлогот беше оспорен, многумина аргументираа дека продолжувањето на периодот на важност на авторските права ќе биде штетен за иновативноста и креативноста и дека други мерки би биле посоодветни и поефикасни за да се поддржат постарите изведувачи.
За продолжувањето на рокот на важноста на авторските права исто така се разговараше на 2 и 3 декември, 2008 г. во Советот за конкурентност којшто го поддржа Извештајот за напредокот усвоен на крајот на ноември. Во извештајот е наведено дека продолжувањето на рокот до 95 години се смета за предолго од страна на некои земји, коишто се сомневаат во капацитетот на предлогот да ја постигне својата цел на задоволителен и урамнотежен начин. Сепак, некои од земјите-членки би можеле да прифатат поумерено продолжување на периодот на важност.
Како одговор на загриженоста изразена од некои од земјите-членки дека мерката би можела да биде дискриминирачка доколку се примени само во музичкиот сектор, претседателството на Советот предложи продолжениот рок да ги покрие и аудиовизуелните изведувачи.
Во врска со правото на студиските музичари да бараат дополнителен годишен надомест и мислењето на изведувачите да си ги вратат правата доколку фонограмскиот продуцент не ги користи истите, претседателството предложи таквите права да не може да се пренесуваат и изведувачите да не може да се откажуваат од клаузулата за авторските права „користи ги или изгуби ги“ при што сопствеништвото на заборавените снимки се враќа на изведувачот. Дискусијата во врска со оваа тема треба да продолжи.
Што се однесува до прашањето околу усогласувањето на начинот на пресметување на рокот на заштита на музичките композиции со зборови, претседателството предложи опсегот да се ограничи на музички композиции и текстови специјално создадени за музичка композиција со зборови. Допрва треба да се реши колкав ќе биде периодот на примена.
Нацрт-директивата исто така ќе се земе предвид во Европскиот парламент. Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите го усвои нацрт-мислењето на Емануил Ангелакас на 2 декември, 2008 г. Само неколку измени и дополнувања беа усвоени, вклучително и примената на продолжениот период на заштита (95 години) не само за музичките туку и за аудиовизуелните изведувачи.
Се очекува Комитетот за правни работи да го усвои извештајот на 19 јануари, 2009 г., а парламентот ќе гласа за предлогот на пленарна седница на 18 февруари, 2009 г.



