На 14 декември 2012 г., владата на Обединетото Кралство соопшти дека го отфрла предлогот за принудување на интернет-провајдерите да блокираат порнографија на интернет.
Одговорот на владата на енергичните кампањи предводени од пратеникот Клер Пери и дневниот весник Daily Mail се заснова врз консултации за безбедноста на децата на интернет и опцијата за „родителска контрола“ на интернет, спроведувани од Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование од 28-ми јуни до 6-ти септември, 2012 г.
Во извештајот за консултацијата се вели дека родителите не покажуваат премногу ентузијазам за стандардно филтрирање: „Немаше голема желба кај родителите за воведување на стандардно филтрирање на интернет од страна на нивните интернет-провајдери: само 35 отсто од родителите кои одговорија го поддржаа таквиот пристап“. Родителите повеќе сакаа „информации за ризиците по безбедноста на интернет и што да се направи околу нив“. „Пристап од типот на автоматска забрана би можел на родителите да им даде „лажно чувство на безбедност“, бидејќи нема филтер што може да ги блокира „сите потенцијално штетни содржини“, се вели во извештајот.
Како што во многу наврати беше аргументирано од страна на групите за граѓански права и експертите за интернет, филтрирањето не е сигурно решение затоа што лесно може да се заобиколи, па дури и да доведе до блокирање на легитимни сајтови и легални содржини како што се покажа со една студија објавена во 2012 г. од страна на Open Rights Group во соработка со Лондонската школа за економија.
Сепак, владата вели дека интернет-провајдерите треба активно да ги поттикнуваат родителите да ја вклучуваат опцијата „родителска контрола“. Во 2011 година, BT, TalkTalk, Virgin Media и Sky Broadband договорија кодекс на практики и ќе понудат можност за родителска контрола на интернет наречена ActiveChoice. Голем број интернет-провајдери веќе нудат опции за родителите кои сакаат да ги блокираат содржините за возрасни.
Ник Пиклс, директор на Big Brother Watch, смета дека владината одлука „е позитивен чекор со кој се постигнува вистинската рамнотежа меѓу безбедноста на децата и родителската одговорност, без прекршување на граѓанските слободи и слободата на говорот. Политиката потврдува дека родителите ја имаат одговорноста за контролирање на она што нивните деца го гледаат на интернет, а не владата, и со право избегнува какво било блокирање на легални содржини наложено од државата“.
- “Porn filters” fail parents and children (17.12.2012)
- Internet porn: Automatic block rejected (15.12.2012)
- Independent Parliamentary Inquiry into Online Child Protection – Findings and Recommendations (04.2012)
- Ministers reject calls to protect children from online porn by filtering sexual content (15.12.2012)
- EDRi-gram: UK government wants an automatic filtering of adult sites (4.07.2012)