Апелациониот суд на Англија и Велс донесе одлука дека Google може да се смета за одговорен за коментарите што се објавуваат на неговата платформа Blogger, освен ако реагира брзо на поднесена жалба.
Променувајќи ја претходната пресуда од март 2012 на Високиот суд кој сметаше дека Google во својата улога како провајдер на платформа не треба да се третира како издавач, Апелациониот суд сега пресуди дека компанијата може да одговара за содржините кои се објавуваат на нејзината платформа за блогирање, ако дозволила содржина (во овој случај коментари на одреден блог хостиран на Blogger) да останат на платформата дури и по добивањето поплаки дека таа содржина претставува клевета. Главниот аргумент на судот беше дека платформата Blogger е достапна под условите на Google, кој може да ги избрише или да го блокира пристапот до какви било информации кои не се во согласност со овие услови.
Пресудата се донесе како резултат на случај покренат од страна на поранешен кандидат за локалниот совет на Конзервативната партија кој во јули 2011 година поднесе жалба до Google за осум коментари поставени на муслиманскиот блог Лондон, кои тој ги сметаше за клеветење. Google ги пренесе жалбите до блогерот и соодветните коментари беа отстранети по околу пет недели, период кој судот го смета за премногу долг.
Иако Судот сметаше дека каква било штета што произлегла од објавувањето била занемарлива и ја одби жалбата, членот на ЕДРи „Член 19“ смета дека пресудата е сериозен чекор назад во борбата за слобода на говорот на интернет.
Агнес Каламар, извршен директор на „Член 19“, изјави дека „пресудата на судот всушност поддржува проблематичен систем за „известување и отстранување“, кој ги поттикнува посредниците како Google да го отстранат потенцијално клеветничкиот материјал веднаш по известувањето и покрај фактот дека материјалот за кој е поднесена жалба може и да не е незаконски. Ова создава загрижувачки ефект врз слободата на изразување, бидејќи посредниците би можеле да цензурираат навистина легитимен говор“.
Групата е исто така загрижена поради фактот што Апелациониот суд воопшто не ја зема предвид слободата на изразување – право заштитено со Законот за човекови права на Обединетото Кралство.



