Владата на Бугарија, како дел од својот акциски план за Партнерството за отворена власт започна секојдневно да објавува податоци за своите трошоци.

Почнувајќи од овој месец, Министерството за финансии секојдневно објавува информации за сите владини исплати на сите оддели. Податоците се објавуваат во формат .XLS, на веб-локацијата за отворена власт, предвидена од Министерството. Податоците ги содржат сите трансфери до други министерства, до локалните власти, универзитети и до други државни организации. Во табелите може да се најде детална анализа за целта на овие трансфери, како и информации за исплата на долгови на државата. Иако податоците се објавуваат како табеларни пресметки во Excel, нивната структура би можела да овозможи автоматска трансформација во формат кој е полесно да се обработува и анализира.

Почнувајќи од август, се очекува и другите бугарски министерства да започнат со секојдневно објавување податоци за нивните расходи. Тие ќе објавуваат дури и подетални анализи на трошоците, како и извештаи за одделите од второ ниво. Таквите извештаи ќе обезбедат поголема транспарентност на јавното трошење и ќе овозможат следење на владините политики, финансискиот менаџмент и практиките на корупција. Откако ќе се соберат податоци за подолг временски период, ќе биде можна визуелизација на протокот на пари во јавните институции.

Извор: epsiplatform.eu „Bulgaria Opens Up Spending Data“ 5 јули, 2012.