Читателски поглед кон првата книга за Ubuntu Linux на македонски јазик

име на книгата: Ubuntu Linux

автори на книгата: Симе Арсеновски и Ѓорги Какашевски

издавач: Факултет за информатика, ЕВРОПСКИ УНИВЕРЗИТЕТ, Скопје

бр. на страници: 198

година на издавање: 2007

ISBN: 978-9989-2074-9-5

За среќа, книгата не го изневерува читателот. Спакувана во скромен број на страници, низ кои се распространети информации во нескромен обем, претставени со чист јазик и разбирлив стил, читателот кој ќе дојде во контакт со ова издание, ако ништо друго, нема да сака предвреме да се откаже од идејата да научи Linux. Книгата им е пред се наменета на почетниците кои за првпат се среќаваат со оперативниот систем Linux, како и на оние кои се префрлаат од Windows на Linux. Авторите им ја упатуваат книгата и на понапредните корисници кои можат да се сретнат со корисни информации во одредени делови од книгата. Сепак, веројатно најточно би било да се каже дека книгата им е наменета на тоталните почетници кои за првпат се среќаваат со оперативниот систем воопшто, а без претензии да научат премногу, би можеле да бидат задоволни и понапредните корисници кои веќе активно работат во некоја Windows околина. Обрнувањето внимание на карактеристиките на Ubuntu поради кои тој се разликува од Windows и останатите оперативни системи, ја прави книгата привлечна особено за втората категорија читатели. За нив, книгата претставува, ако ништо друго, добар водич кој може да се прочита во релаксирани услови како кога се чита весник. Спонтаниот тек на информациите во книгата му овозможува на читателот да се внесе во содржините и да посака да ја прочита целата во еден здив. За голема пофалба е сразмерната употреба на слики и текст, па така читателот кој барем неколку пати се сретнал со околината на Ubuntu, книгата може да ја прочита и без потреба од паралелна работа на компјутер. Веројатно многумина ќе бидат разочарани од деловите во книгата каде одредени специфичности не се дообјаснуваат со оправдување дека тоа се работи кои се надвор од доменот на книгата. Наместо целосно објаснување, авторите не упатуваат на Интернет форумите.

За организацијата на книгата
Генерално, книгата е поделена на четири целини распространети на околу 200 страници.
Во првиот Воведен дел, читателот има можност да се запознае со основите на Ubuntu. Почнувајќи со општи информации за оперативните системи, понатаму продолжувајќи со идејата за слободниот софтвер и развојот на Linux, читателот има можност да се стекне со една солидна Linux култура која е добро секој компјутерски корисник да ја поседува. Во овој воведен дел се расветлуваат можните нејасности околу различните Linux дистрибуции, различните графички интерфејси под кој дистрибуциите можат да работат итн. Не се прескочени ниту очигледните недостатоци со кои се соочува оваа Linux дистрибуција. Сепак, авторите како и многу пати во книгата, не ни дозволуваат да се разочараме и откажеме. Напротив, не поттикнуваат некои од можните решенија сами да ги побараме на Интернет. Иако делува како ослободување од обврската да се каже повеќе, ова е сосема очекуван начин за пристап кон една книга за Ubuntu Linux. Имено, се работи за оперативен систем кој и самиот многу често бара Интернет конекција од корисникот со цел да ги надгради потребните апликации за секојдневна вообичаена или специфична работа.

Втората целина ги опфаќа сите важни теми за работа во Ubuntu, но и за работа во оперативен систем воопшто. Затоа на истата и е отстапено најголемо место во книгата. Едноставно именувана „Ubuntu,“ втората глава започнува со опис на екранот на оваа Linux дистрибуција кој се гледа веднаш по неговото активирање. Во продолжение следуваат упатствата за работа со прозорци и апликации.
На датотечниот систем Натилиус кој го користи Ubuntu опширно му е пристапено, како што е неопходно бидејќи тој во голема мера се разликува од системите на датотеки кои ги користат Windows оперативните системи. Некој кој воопшто не работел во Ubuntu, може да биде сигурен дека со овој дел од книгата ќе го научи токму она што е потребно.
Во продолжение се разработени опциите кои дозволуваат визуелни кориснички прилагодувања.
Конфигурирањето на системот е следната важна целина која е обработена во рамките на втората глава. Помеѓу останатото, прецизно е наведена постапката за додавање на македонски распоред на тастатурата за работа во Ubuntu. За примена на ова прилагодување, авторите се имаат послужено со алатката за обработка на текст од пакетот за канцелариско работење OpenOffice.org, кој пак не е дополнително разработуван како целина.

Третиот сегмент ги обработува програмите за мултимедијално работење во Ubuntu. Информациите во овој дел се распространети на скромни 20-ина страници, но од нив читателот ќе научи како да слуша музика од CD и како да репродуцира датотеки во различни музички формати кои се наоѓаат локално на неговиот компјутер. Потоа, дадени се детални упатства за преземање на потребните пакети кои дополнително треба да ги инсталира корисникот за да може да работи со сите типови на аудио и видео датотеки, објаснет е начинот за снимање музика од аудио CD-a, како и снимање на аудио CD-a, слушање радио преку Интернет и гледање на видео фајлови и DVD филмови.

Последната глава е посветена на најважната и најкорисната работа во компјутерскиот свет и пошироко – Интернет. Обработени се трите најважни програми за комуникација преку Интернет. Mozilla Firefox е прелистувачот кој доаѓа со самата инсталација на Ubuntu, па заради неговите карактеристики, како и заради популарноста која ја има помеѓу корисниците, токму тој е обработен во книгата. Корисни се информациите кои читателот овде ќе ги сретне и тоа не само како Ubuntu корисник, туку и како корисник на Windows оперативниот систем, бидејќи овој прелистувач има посебни изданија и за двата оперативни системи. Сепак, од аспект на целокупност, можеби премногу страници се потрошени на упатствата за работа со Mozilla Firefox со оглед на тоа дека ова не е единственото место каде можат да се прочитаат вакви инструкции, како и со оглед на фактот дека многу Windows корисници кои досега воопшто не работеле со Linux, сепак го користеле овој прелистувач, па за таквите овој дел од книгата може да се чини скоро целосно непотребен. На ова веднаш мора да се надоврзе апсолутно издржаното оправдување дека сепак се работи за книга од која треба да научат и оние кои не работеле ниту со Windows, ниту со друг оперативен систем, а уште помалку со Интернет прелистувачот Mozilla Firefox.
На сосема доволен простор во книгата е опишан начинот на работа со програмата Evolution која претставува основен клиент за работа со електронска пошта во Ubuntu. На крајот, приказната завршува со менаџерот за комуникација во реално време преку повеќе chat клиенти кои се обединети под заедничко име во програмата Pidgin.

За јазикот

Во книгата „Ubuntu Linux“ е разработувана верзијата 6.10 која е надградена со соодветните пакети за нејзино користење на македонски јазик. Бидејќи во преведувањето на опциите, наредбите, објаснувањата, менијата итн. учествуваат повеќе луѓе кои доброволно се приклучуваат кон акцијата, многу од информациите не се допреведени, па и понатаму се прикажуваат на англиски јазик. Тоа може да го збуни читателот бидејќи за да се избере една опција често треба да се помине пат кој се состои од комбинација на англиски и македонски наредби. Исто така, со самото тоа што е разгледувана македонската верзија на Linux дистрибуцијата Ubuntu, читателот е присилен да ги направи истите прилагодувања пред да почне да ја чита книгата, инаку лоцирањето на соодветните менија и наредби би значело значително губење време и трпеливост. Потпирајќи се на сликите, овој проблем сепак може да се смета за занемарлив. Од друга страна пак, сите изрази кои често се користат во компјутерскиот свет на англиски јазик, во книгата се употребуваат со многу соодветен превод на македонски, додека оригиналниот израз секогаш е наведен во загради. Ваквиот пристап им одговара на читателите кои не го разбираат доволно англискиот јазик, но и на понапредните корисници кои веќе се навикнати на оригиналните англиски термини. Од аспект на употребата на изрази кои се користат во сферата на компјутерите, може да се каже дека се избрани преводи кои се соодветни, доволно јасни и описни, додека како критика, неизбежно е да се спомне употребата на терминот Интернет пребарувач, наместо Интернет прелистувач. Поистоветувањето на овие два изрази е сосема погрешно.

Наместо заклучок
Помеѓу сите добри и лоши критики со кои ќе се соочи оваа книга, сепак не може а да не се поздрави идејата за ова издание кое е прво од ваков вид. Со оглед на целта која треба да ја постигне книгата, веројатно „Ubuntu Linux“ доволно го задоволува гладот за информации помеѓу новите, но и помеѓу досегашните Ubuntu корисници. Она што ние како читатели можеме да го кажеме е дека авторите и издавачот ја имаат нашата поддршка и се надеваме дека ова е само почеток во низата изданија за Linux кои ќе следуваат во иднина. Дотогаш, секој би требало да го прочита она што е веќе достапно – Првата книга за Ubuntu Linux на македонски јазик.

Ирина Шумадиева

Сподели:

meta tim sliki-02.jpg

Читателски

поглед

кон

првата

книга

за

Ubuntu

Linux

на

македонски

јазик

Останати блог текстови

Неодамнешно гледиште во поглед на сајбербезбедноста во Западен Балкан: Како можеме да го подобриме нивото на сајбербезбедност во регионот?

24.02.2023

Дигитализацијата и сајбербезбедноста се некои од поактуелните теми во Западен Балкан (ЗБ). Целиот регион официјално ја покажа својата посветеност кон дигитализацијата како процес во 2018 година со преземање на Дигиталната агенда за Западен Балкан, директно поддржана од Европската комисија. Еден од четирите столба на Дигиталната агенда за Западен Балкан е зголемување на сајбербезбедноста, довербата и […]

Што е дигитален идентитет и зошто ни е потребен?

14.02.2023

Забрзаниот напредок на технологијата го истакна нејзиното огромно влијание врз нашиот секојдневен живот во смисла на обезбедување брзи решенија што се лесни за употреба во поглед на нашите потреби. Тој влијаеше и врз начинот на кој го гледаме светот и се развиваме како општество, но и како и поединци. Владите ги прифатија процесите на дигитализација […]

„Иднината на масовниот надзор во Србија? – Global Voices

09.02.2023

Од 2019 година, српските организации за дигитални права предупредуваат против системот за надзор. Фотографија на м-р Ана Тоскиќ-Цветиновиќ, обезбедена од авторот и одобрена за употреба. Оваа статија е напишана од Ана Тоскиќ–Цветиновиќ, извршен директор на граѓанската организација Партнери за демократски промени на Србија, член на мрежата за зголемување на граѓанскиот ангажман во дигиталната агенда (ICEDA). […]

Муртезани: Жените да излезат од комфорната зона ако ја сакаат науката и технологијата, ИТ има многу што да понуди

03.02.2023

Северна Македонија напредува во својата дигитална трансформација, но не е на исто ниво со многу земји од ЕУ. Важно е организациите и владата да ги едуцираат граѓаните и да им ги обезбедат потребните алатки и ресурси за да им помогнат да ги разберат и усвојат дигиталните технологии. Жените да излезат од нивната комфорна зона и […]

Грижи во поглед на приватноста во ек на дигитализацијата на Западен Балкан

18.01.2023

Дигитализацијата на јавните услуги е еден од приоритетите на земјите од Западен Балкан. Во периодот по КОВИД-19, станува уште поочигледно дека граѓаните, бизнисите и општеството треба да се дигитализираат за во целост да станат поотпорни и способни за справување со надворешни шокови и промени. Aлбанија е водечка земја во регионот кога станува збор за дигитализацијата […]

"Дигитализација во РСМ во 2022 година: Далеку се услугите со еден клик, цената за тоа ја плаќаат граѓаните" - Новинска агенција Мета.мк

05.01.2023

Фото: Илустрација: Фисник Џелили/Порталб.мк во Canva Предизвикот со кој продолжува да се соочува Северна Македонија се реформите во областа на дигитализацијата, поточно напредокот за да биде во чекор со најновите случувања за подобрување на животот на граѓаните, нудејќи им квалитетни, брзи и ефикасни услуги. Во време кога светот и западните земји секој ден се повеќе […]

Verified by MonsterInsights