Речиси сите 25.000 вработени во тринаесет болници во регионот Копенхаген во текот на наредната година ќе почнат да го користат Libre Office, канцелариски пакет од алатки базирани на софтвер со отворен код.

Групата болници ја исфрла од употреба неслободната софтверска алтернатива, поради „долгорочни стратешки причини“, со што во исто време заштедува околу 40 милиони круни (околу 5.3 милиони евра) наменети за комерцијални лиценци.

Отфрлањето на комерцијалната алтернатива е последица на миграцијата на групата кон виртуелни работни околини, дозволувајќи им на членовите на персоналот да се најават на кој било компјутер или тин-клиент. Групата откри дека имплементирањето на оваа нова десктоп-инфраструктура „ќе предизвика неприфатливо високи трошоци“ за комерцијалните лиценци за канцелариски пакети, вели Вивијан Томсен, одговорен за ИТ во групата, цитиран од данскиот веб-сајт за ИТ вести Computerworld.

Дури и само еден корисник на неслободен канцелариски пакет би ја принудил групата да купи лиценци за сите петнаесет илјади десктоп-компјутери. „Разговаравме на оваа тема со добавувачот на комерцијален софтвер повеќе од една година и тие го потврдија проблемот“.

Групата болници нема да ги префрли сите корисници на Libre Office одеднаш. Таа ќе ги користи своите десет илјади канцелариски пакети со комерцијални лиценци додека не се потрошат. Групата ќе ги обновува некои од лиценците за „големите корисници“, додека не добие дополнителни насоки. Со тек на време, вели Томсен, целиот персонал ќе се префрли на Libre Office: „освен мал број корисници со задачи со напредни табеларни пресметки“.

Беа воведени околу 2.500 виртуелни работни околини и мал број здравствени работници сега го тестираат Libre Office. Според Computerworld, Томсен вели дека повратните информации досега се позитивни „иако корисниците не сакаат да го изгубат познатиот интерфејс на неслободниот канцелариски пакет“. За да се надминат овие колебања, болничката групација обезбедува обуки.

Извор: OSOR.eu „DK: 25,000 hospital staff Copenhagen region to use open source office suite“ 18 август, 2011.