Законската обврска да се поддржуваат повеќе формати на документи, вклучувајќи го и отворениот формат за документи (ODF) е главната причина за одделот на персоналот за техничка поддршка на данското министерство за транспорт да се префрли на LibreOffice, пакетот канцелариски алатки базирани на слободен софтвер.
Од јавната администрација во Данска се бара да може да ги прифаќа и отворениот формат на документи и алтернативниот OOXML на Microsoft. Извршниот секретар Томас Гинерап-Нилсен вели: „Не знам како другите јавни администрации во Данска се справуваат со ова барање, но тоа за нашиот оддел беше причина да се префрлиме на LibreOffice“.
Одделот на персоналот за техничка поддршка на министерството се состои од 145 државни службеници, а неодамна замени еден комерцијален канцелариски пакет со LibreOffice. Овој потег на министерството му заштедува 150.000 дански круни (околу 20.000 евра) годишно на трошоци за лиценци за комерцијални канцелариски апликации, според бројките објавени од давателот на ИТ-услуги Magenta, кој му помогна на министерството со миграцијата кон слободен софтвер.
Одделот користи и Ubuntu Linux на своите десктоп-компјутери (тенки клиенти), но само во случај кога тие немаат мрежна врска. Кога се поврзани на мрежата компјутерите работат со виртуелизирана работна површина од комерцијален софтвер.
Version2, данска публикација за ИТ вести го цитираше портпаролот Гинерап-Нилсен: „Вработените лесно ќе се префрлаат меѓу двата различни оперативни системи, бидејќи и двата система го користат канцеларискиот пакет LibreOffice“.
„Во време кога повеќето министерства отпуштаат персонал за да заштедат пари, Министерството за транспорт се справува со голем дел од буџетските предизвици преку иновации во својата информатичка технологија“, вели ИТ компанијата во една кратка студија на случај за миграцијата. Една од целите на ова мигрирање кон Ubuntu и LibreOffice е „да се продолжи работниот век на тековните персонални компјутери за три години“.
Извор: Joinup.eu „Need for multiple document formats lead Danish ministry to LibreOffice“ 14 март, 2012.



