Неколку француски невладини организации, како што е APRIL (Здружението за промоција и заштита на слободниот софтвер) и групата на потрошувачи UFC-Que Choisir неодамна ја изразија својата загриженост во врска со текстот за отворените стандарди во Дигиталната агенда за Европа која ќе биде издадена на 27 април 2010 г. од Нели Крос, Европскиот комесар одговорен за дигитални прашања.

Веќе неколку години, Европската комисија вложува напори за промовирање на интероперабилноста и софтверот со отворен код. Европската рамка за интероперабилност (EIF) издадена во 2004 година, го поддржуваше софтверот со отворен код давајќи јасна дефиниција на отворените стандарди: „За да се постигне интероперабилност во контекст на пан-европските услуги на е-власт, треба да се фокусираме на отворените стандарди. Следуваат минималните карактеристики што една спецификација и нејзините придружни документи мора да ги имаат, со цел да се сметаат за отворен стандард:

Стандардот е усвоен и ќе се одржува од страна на непрофитна организација, а неговиот тековен развој се случува врз основа на отворена процедура за донесување одлуки на располагање на сите заинтересирани страни (консензус или одлука на мнозинството итн.)

Стандардот е објавен и документот со спецификација на стандардот е на располагање или бесплатно или за незначителна сума. Мора да биде дозволено негово копирање, дистрибуирање и користење бесплатно или за минимален надомест.

Интелектуалната сопственост – односно патентите што можеби ги има – од (делови од) стандардот е неотповикливо достапна без авторски надомест.

Не постојат ограничувања во однос на повторната употреба на стандардот“.

Меѓутоа, нова работна верзија на EIF беше обелоденета во ноември 2009 г., со чудна дефиниција на отвореноста: „Постојат различни степени на отвореност. На едниот крај на спектарот се спецификациите и софтверот со кој се промовира соработка, до кои може слободно да се пристапува, повторно да се користат и споделуваат, а кои се сметаат за отворени. На другиот крај се недокументираните, патентирани спецификации, комерцијалниот софтвер и незаинтересираноста или отпорот кон повторната употреба на решенија. Просторот меѓу двата краја може да се нарече „континуум на отвореност“.

APRIL и UFC-Que Choisir испратија писма до Европската комисија со кои ја изразуваат загриженоста во врска со еволуцијата на EIF и притисокот што очигледно се врши врз комесарот Крос од страна на Мајкрософт за бришење на отворените стандарди и изедначената интероперабилност од документот.

Последниот ден од март беше исто така одбележан на повеќе места во Европа, како Ден на слобода на документите. Денот се заокружи со активностите организирани од страна на волонтери во Австрија, Германија, Италија, Словенија, Романија или Молдавија со заложбите за едуцирање на јавноста околу важноста на Форматот на отворен документ и Отворените стандарди воопшто.

Останува да се види дали овие гласови ќе бидат слушнати и да се види како ќе изгледа новата верзија на EIF на крајот на овој месец.

Извор: ЕДРИ-грам „Defining the open standards in the EU Digital Agenda“ бр. 8.7, 7 април 2010.