Во своето воведно излагање, г. Патрик Паке, Шеф на одделот за политика и информации во делегацијата на ЕУ (Head of Political and Information Section) истакна дека граѓанското општество е многу важен интегративен фактор и двигател за создавање општествен капитал, како дел од процесот на пристапување кон ЕУ.
Тој ги претстави инструментите за поддршка во регионот на Западен Балкан и Турција: ИПА 2008-2010, проектот за техничка поддршка на граѓанскиот сектор TASCO, како и програмата “Човек кон човек“ (People to People).
Претставувајќи ги 14-те организации од Македонија кои се дел од тековната грант-шема на ИПА од областите на заштита на животната/работна средина, како и борба против криминалот, корупцијата и трговијата со луѓе, г. Паке истакна дека тоа што од вкупно 25 проекти во регионот, 4 се водени од организации од Македонија, а 10 се проектни партнери претставува „одличен тренд на растечки капацитет на организациите од граѓанско општество во земјата“.
Беа посочени и четирите водечки организации од Македонија
- Метаморфозис – Балканска мрежа за застапување за справување со е-отпад
- Гаус институт – Градење капацитети за забрана и етапно откажување од користењето на азбест во земјите од Западен Балкан
- ПСМ Фондација – YES Инкубатор
- Центар за граѓански иницијативи
Дополнително, во текот на јуни ќе биде објавена националната грант-шема која ќе биде раководена од Делегацијата на ЕУ и со учество на (телото на) Владата на РМ, со цел да се зајакне нивниот капацитет за во иднина тие да го преземат администрирањето со вакви фондови. Г. Паке истакна дека, како и за невладините организации, спроведувањето на овие повици и проекти е дел од процесот на учење и за властите, преку кои ќе бидат директно упатени во „организирање транспарентни и робусни процедури за оценување, базирани на строги критериуми, со цел да се воспостават добри практики“ кои ќе продолжат и по преземањето на целата одговорност од државата.
Г. Паке го објасни и процесот на креирање на Извештај за прогресот до ЕУ, упатувајќи покана до граѓанските организации да придонесат со информации за прашања од нивни интерес упатени директно до Делегацијата.
Потоа г-а Ирена Иванова од делегацијата на ЕУ изврши претставување на фондовите од ЕУ кои ќе бидат на располагање во блиска иднина, од програмите за помош на граѓанското општество до програмите за прекугранична соработка со соседните земји, како веќе воспоставените со Бугарија и Албанија, а и новиот со Грција. Таа исто така истакна дека високиот процент на учество на организации од Македонија во проекти на регионално ниво „покажува огромен раст на квалитетот на граѓанскиот сектор“.
Како крајна содржина на настанот, г-а Иванова и г-а Панореја Десовска (Делегација на ЕУ) го претставија новиот повик од програмата ЕИДХР, објаснувајќи ги детално условите за учество и начинот на спроведување на процесот за одлучување и изведба на активностите од содржински и административно-финансиски аспект.
Новина оваа година е во областа на кофинансирањето. Наместо минимум 20%, ЕУ сега побарува учество од минимум 5% од кандидатите, а обемот на буџет кој може да се добие преку ЕИДХР е од 50 до 90 илјади евра. Краен рок за пoднесување на концепт-нота за овој повик е 19 мај 2010 г.