Утре, на 5 февруари 2013 година, по десетти пат се обележува Денот на побезбеден интернет. Оваа година носечката тема на овој ден се онлајн правата и одговорностите. Слоганот на овогодинешната кампања е „Поврзи се со почит“.
За да се подигне свеста за овие прашања, секој од нас може да направи нешто и да земе учество во обележување на овој ден. Може да направите неколку работи: да организирате настан во вашата заедница и да зборувате за онлајн безбедноста, да организирате работилници во училиштата или да одржите дебата помеѓу младите луѓе и креаторите на политиката.
Како и во изминатите години, Метаморфозис и оваа година се вклучува во обележувањето на Денот на побезбеден интернет. Со оглед на долгогодишниот активен ангажман во полето на приватноста на интернет, успешното спроведување на повеќе проекти и активности за безбедност и приватност на децата на интернет во последните 5 години, Метаморфозис и понатаму се вклучува во иницијативите кои се залагаат за овие цели.
На веб-сајтот „Безбедно на интернет“, може да се најдат корисни и едукативни материјали, ресурси за децата, наставниците и родителите, анимирани игри и кратки едукативни филмчиња за деца на достапни на 5 јазици: македонски, албански, ромски, турски и француски. Исто така, актуелни објави на темата може да најдете и на Фејсбук-страницата: http://www.facebook.com/bezbednonainternet.



