Дигитализираните книги, дигиталните библиотеки и медиумската писменост на дневен ред кај Советот на министри одговорен за култура и аудиовизуелна политика.

Советот за образование, млади и култура ќе се состане во Брисел на 27 ноември, 2009 г. за да дискутира, меѓу другото, за клучни прашања во врска со европското информатичко општество.

Европската комисија ќе ја претстави својата анализа на влијанието на Спогодбата за Google Books врз Европа од аспект на авторските права, културниот диверзитет и конкуренција. Министрите на ЕУ ќе се осврнат на предизвиците за дигитализирањето на книгите и други културни содржини, и за обезбедувањето пристап до овој материјал преку европската дигитална библиотека Europeana. Министрите исто така ќе дискутираат за медиумската писменост во дигиталната средина. Вивиен Рединг, Европскиот комесар за информатичко општество и медиуми ќе ја претставува Европската комисија во однос на овие прашања.

Главни точки на дневниот ред:

• Дигитализација на културните содржини во Европа: размена на мислења за подобрување на онлајн пристапот до културното наследство во рамките на ЕУ, наспроти Спогодбата за Google Books во САД;
• Управување и финансирање на Europeana: размена на мислења за структурата на управување и финансиски модел за Europeana;
• Медиумска писменост во дигиталната околина: усвојување на заклучоците на Советот како резултат на неодамнешното Соопштение на Комисијата.

Дигитализација на културни содржини

Историјат

Со Спогодбата за Google Book Search се направи обид за решавање на спорот по групната тужба од американски автори и издавачи според кои Google ги прекршил нивните авторски права со дигитализирање на нивните книги и овозможување пристап до делови од нив преку Google Book Search. По критиките на првобитниот договор, Google и американските автори и издавачи на 13 ноември поднесоа ревидиран текст од спогодувањето до судот кој мора да го одобри, пред да стапи во сила. Како резултат на тоа, наредната година би можело да се дојде до решение за дигитализацијата на дела-сирачиња и книги коишто повеќе не се печатат, а кои ќе покријат, според законот, значителен дел од англиското говорно подрачје (САД, Канада, Австралија, како и Обединетото Кралство).

За Европската комисија, ова е потврдување дека ЕУ треба брзо да најде свое сопствено решение со кое ќе осигури дека дигитализираните дела – на кој било јазик – ќе станат достапни и за европските граѓани (кои во моментов се изземени од решението на САД), истовремено целосно придржувајќи се до европските закони и принципи, а особено законите за авторски права и конкуренција.

За време на Шведското претседателство со Унијата, Комисијата усвои три важни документи за политики за развојот на Европскиот дигитален единствен пазар: за иднината на Europeana (IP/09/1257), за авторските права во економијата базирана на знаење (IP/09/1544) и за дигиталниот единствен пазар за креативни содржини на интернет (IP/09/1563).

На овој Совет

Комисијата ќе ја презентира својата анализа на влијанието врз Европа на спогодбата на Google, издавачите и авторите во САД, и за мерките што треба да се преземат за да се олесни дигитализацијата на книгите низ Европа.

Министрите за култура на ЕУ ќе разговараат за поопшти прашања, како на пр. начинот на кој Европа може да обезбеди подобар пристап до своето културно наследство на интернет. Министрите ќе се осврнат на клучните предизвици како што се овозможувањето на рамноправни услови за дигитализацијата на книги, олеснувајќи им на приватните иницијативи и јавно-приватните партнерства да обезбедат пристап до дигиталните содржини достапни и обезбедувајќи пристап до дигитализиран материјал преку Europeana.

Извор: Europe’s Information Society “Digitised books, digital libraries and media literacy on the agenda at the Council of Ministers in Charge of Culture and Audiovisual Policy” 26 ноември, 2009.