Европската комисија бара мислења од граѓаните и други заинтересирани страни околу тоа како ЕУ може да го подобри квалитетот и ефикасноста на здравството со примена на информатичките и комуникациските технологии (ИКТ) (т.н. „е-здравство“).
ИКТ веќе игра главна улога во справувањето со многубројните предизвици со кои се соочуваат здравствените системи низ ЕУ, како што се стареењето на населението, зголемувањето на хроничните болести, намалувањата на буџетот и недостигот од здравствени работници преку, на пр. овозможување далечинско дијагностицирање, далечинско следење на состојбата на пациентите и безбедно споделување на информациите за пациентите помеѓу здравствените работници. Сепак, има значителен потенцијал за многу поголем развој на е-здравството во иднина. Е-здравството исто така може да има значаен придонес во овозможување на луѓето, а особено на постарите лица, да уживаат во подостоинствен и независен живот.
Сè повеќе пациенти проактивно ја користат технологијата за да дознаат повеќе за болестите, па дури и за да се справуваат со нивната здравствена состојба. Е-здравството никогаш нема да го замени човечкиот допир, но може да им овозможи на здравствените работници да посветат повеќе време на директни контакти со пациентите. Унапредувањето на е-здравството е клучна цел на Дигиталната агенда за Европа. Јавните консултации на интернет ќе траат до 25 мај. Одговорите ќе послужат за подготовка на Акциониот план за е-здравство 2012-2020 што Комисијата треба да го презентира пред крајот на 2011 година.
Нели Крос, потпретседателот на Европската комисија за дигитална агенда изјави: „Во време кога луѓето и владите треба да внимаваат како го трошат секое евро, е-здравството може да помогне да се подобри ефикасноста на системите за здравствена заштита, да се зајакне економијата и да се еманципираат пациентите. Добредојдено е сечие мислење околу тоа како е-здравството најдобро може да се користи за доброто на сите“.
Комисијата ги поканува сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги и здравствените работници и пациентите да го дадат своето мислење околу главните придобивки од е-здравството, главните пречки кои оневозможуваат широко распространување и активностите што Европската комисија треба да ги преземе за надминување на тие пречки. Покрај тоа, заинтересираните страни можат да ги споделат своите мислења околу најдобрите начини за подобрување на интероперабилноста, околу тоа како Комисијата треба да се справува со правните прашања поврзани со е-здравството и околу најдобрите начини за поддршка на иновациите.
Конкретно, прашалникот има за цел да побара повратни информации за следниве цели:
- зголемување на свеста за придобивките и можностите на е-здравството
- решавање на проблемите со интероперабилноста на технологиите за е-здравство
- подобрување на правната сигурност за е-здравството
- поддршка на иновациите и истражувањата во областа на е-здравството
Претстојниот Акционен план за е-здравство 2012-2020 ќе биде можност за надоврзување на активностите спроведени во рамките на првиот Акционен план кој стартуваше во 2004 година. Акциониот план ќе има за цел да ги унапреди овие активности и да обезбеди долгорочна визија за е-здравството во Европа, во контекст на Дигиталната агенда за Европа, Унијата за иновации и Европското партнерство за иновации за активно и здраво стареење.
Прашалникот исто така ќе и помогне на Комисијата да процени дали целите на нејзините предложени политики се технички остварливи, изводливи во пракса и во согласност со очекувањата на заинтересираните страни. Одговорите мора да се поднесат до 25 мај, а истите ќе послужат за Акциониот план за е-здравство за периодот 2012-2020.