Европската комисија, индустријата и академските институции се договорија да воспостават јавно-приватно партнерство за роботика, за да им помогнат на европските компании да го зголемат својот удел во глобалниот пазар на роботика кој на годишно ниво достигнува 15,5 милијарди евра.
Претставници на европските производители на роботика и истражувачките институти и се придружија на Нели Крос, Потпретседателот на Европската Комисија, во потпишувањето на Меморандумот за разбирање како прв чекор кон воспоставувањето на јавно-приватно партнерство во 2013 година. Комисијата смета дека идното јавно-приватно партнерство ќе го зајакне секторот за роботика на ЕУ.
Нели Крос, Потпретседателот на Европската комисија за дигиталната агенда, изјави: „Силната индустрија за роботика е клучна за конкурентноста на Европа во иднина. Развојот на индустријата за роботика ќе значи нови работни места и силен европски производствен сектор“.
Роботиката е клучен двигател за растот и конкурентноста на Европа. Три милиони работни места се создаваат или одржуваат во светот како резултат на користењето на еден милион индустриски роботи. Европската индустрија за роботика е многу успешна, придонесувајќи со околу една четвртина од глобалното производство на индустриска роботика и има удел од 50 % на пазарот за роботика за професионални услуги. Домашниот пазар и пазарот на роботика за професионални услуги се очекува да се зголемат за 40 % во наредните години, со најголем раст во услугите за спасување, безбедност и професионално чистење. До 2020 година, роботиката за услуги може да достигне пазарен обем од 100 милијарди евра годишно. Јавното-приватно партнерство за роботика има за цел:
1. Да ги зајакне стратешките цели за европската роботика и да ја поддржи нивната реализација;
2. Да ја подобри индустриската конкурентност на Европа преку иновативни технологии на роботика;
3. Да обезбеди роботски производи и услуги како клучни средства кои би помогнале во решавањето на општествените предизвици во Европа;
4. Да ги подобри активностите за вмрежување на европската заедница за роботика;
5. Да ја унапреди европската роботика;
6. Да оствари комуникација со постојните и новите корисници и пазари;
7. Да придонесе за развојот на политики и да се осврне на етички, правни и општествени прашања.
Приватните партнери во јавното-приватно партнерство (од академските институции и индустријата) ќе подготват предлог за јавно-приватно партнерство, кој Комисијата ќе го разгледа и ќе го одобри формално.



