Групата за мислења на Европската комисија во врска со дигитализацијата денес започна консултација околу тоа како најдобро да се поттикне присуството на културното наследство на интернет.
Додека европскиот креативен и културен сектор подлежат на револуционерна транзиција, потребни се иновативни решенија за да се остане во чекор со технолошкиот напредок и целосно да се искористат придобивките од нив. Комисијата побара од Групата за мислења предлог за тоа како најдобро да ја забрза дигитализацијата, пристапноста до материјалите на интернет и зачувувањето на културните дела низ Европа. Придонесите дадени за оваа консултација ќе влезат во препораките коишто Групата ќе ги објави на крајот на годината. Консултацијата ќе трае до 30 септември, 2010.
Консултацијата ги поканува сите заинтересирани страни – граѓаните, културните институции, државните власти, приватните компании, невладините организации, академските институции – да ги изнесат своите ставови за клучните прашања околу дигитализацијата. Тука спаѓаат потенцијалните извори на финансирање за дигитализација и развој на Еуропеана, европската дигитална библиотека. Исто така се бараат идеи за прифатливи модели за експлоатација на содржините дигитализирани со државни пари, идеи за условите со кои би се регулирале јавно-приватните партнерства за дигитализација, за тоа како да се постави повеќе материјал на интернет заштитен со авторски права и како да се обезбеди прекуграничен пристап до дигитализираните ресурси.
Следни чекори
Групата за мислења ќе ги анализира одговорите на оваа консултација и мислењата во други форми, вклучувајќи го и сослушувањето закажано за 28 октомври, 2010 година во Брисел.
На крајот на 2010 година групата ќе изнесе повеќе препораки за дигитализација, пристапност преку интернет и зачувување на културното наследство на Европа во дигиталното доба, особено обрнувајќи внимание на прашањето со јавно-приватните партнерства за дигитализација во Европа.
Историјат
Групата основана во април 2010 година е дел од пошироката стратегија на Европската комисија да му помогне на културниот сектор во транзицијата кон дигиталното доба, со цел да се осигури дека богатото културно наследство на Европа и разните културни дела ќе се зачуваат и ќе бидат пристапни за сите преку интернет, вклучувајќи и изнаоѓање на нови ефективни деловни модели.
Групата се состои од Морис Леви (извршниот директор на Публицис), Елизабет Нигеман (генерален директор на германската национална библиотека) и Жак Де Декер (писател) и поднесува извештаи до потпретседателот на Комисијата за дигиталната агенда Нели Крос и Комесарот за образование, култура, повеќејазичност и млади Андруја Василиу.



