Европската комисија им додели награди на добитниците на наградите eInclusion (е-инклузија) на Заседанието за Дигиталната агенда што се одржа во Брисел на 21 и 22 јуни, 2012 година.
Луѓе од сите сфери на животот учествуваа во двете категории на конкурсот: „Јас сум дел од ИТ“ наменет за поединци и организации, чијашто употреба на ИТ помогнала да се надмине ексклузијата или резултирала со нови вештини; и „Биди дел од ИТ“, наменет за организации или поединци кои ја поддржуваат е-Инклузивноста преземајќи и поддржувајќи релевантни иницијативи.
Дигиталната агенда предложи серија мерки за промовирање на прифаќањето на дигиталните технологии од страна на маргинализираните групи, како што се на пониско квалификуваните, невработени луѓе или оние што живеат со хендикеп.
Наградите eInclusion ги востанови Европската комисија за да се откриваат организации и поединци од цела Европа кои се поборници за новите технологии и можат да го искористат потенцијалот на интернетот за да ги подобрат своите животи. Најновиот графикон за дигиталната агенда покажува дека 25% од населението во ЕУ се уште нема доволно ИТ-вештини, а само 53% се убедени дека нивните компјутерски и интернет-вештини се доволни, доколку треба да го променат работното место во рок од една година.
Победниците се:
Елтон Калица кој пристигна во Италија од Албанија, научил ИКТ-вештини и целосно го променил својот живот, што резултирало со универзитетска диплома и добра работа. Тој ја освои наградата „Јас сум дел од ИТ“ како поединец.
Симон Декелвер ја доби наградата „Јас сум дел од ИТ“ за организации во име на иницијативата WAI-NOT (Белгија). WAI-NOT го промовира користењето на интернетот за луѓето со потешкотии во учењето. Обезбедуваат веб-локација базирана на пиктограми за луѓе кои не можат да читаат, а кои бараат пристапни и разбирливи интернет-страници. WAI-NOT му овозможи на Симон Декелвер, кој има Даунов синдром, да сурфа на интернет, да пишува пиктограмски е-пораки и да разговара преку интернет со своите пријатели и семејството. Тој исто така ја користи мобилната технологија кога патува сам. Симон Декелвер почна со користење на веб-локацијата WAI-NOT, а подоцна стана амбасадор на иницијативата.
Наградата „Бидете дел од ИТ“ за мали организации ја освои Storybook Dads (UK) чијашто работа се базира на наједноставната, основна технологија. Storybook Dads им овозможува на родителите кои служат затворски казни да снимаат приказни за спиење за нивните деца на компакт-диск или аудио-ДВД. Нивните приказни дигитално ги обработуваат специјално обучени затвореници кои работат како уредници, кои можат да додаваат музика и звучни ефекти пред готовиот производ да се испрати до детето. Ова помага да се одржи важната врска меѓу родителот и детето.
Барселона Activa (Шпанија) и Фондацијата за развој на информатичко општество (FRSI) (Полска) ја поделија наградата „Биди дел од ИТ“ за големи организации или фондови за развој. FRSI користи локални библиотеки за да обезбеди поврзување и обука за маргинализираните заедници во Полска. Barcelona Activa активно промовира ИКТ-вештини и прилагодена обука за да ги поттикне вработувањата и конкурентноста преку курсевите кои ги организира во своите простории и во библиотеките.