Со 2,7 милиони евра од фондовите на ЕУ, истражувачи од Република Чешка, Германија, Португалија, Шпанија и Шведска развија решение со кое им се овозможува на старите и хендикепирани лица полесно да ги контролираат разните електронски апарати и сервиси во нивните домови со помош на нивните мобилни телефони или други уреди.

Проектот „I2HOME“ разви персонализиран и поедноставен интерфејс за универзална далечинска конзола врз основа на постојните отворени стандарди и отворените стандарди во развој. Овој интерфејс може да биде вграден во еден универзален далечински управувач, мобилен телефон, компјутер или друг уред и да се користи за, на пр., вклучување и програмирање на машини за перење, осветлување, греење, климатизација, телевизори, ДВД плеери/рекордери и други апарати во домаќинството. Технологијата исто така може да се примени надвор од домот. Искористувањето на информатичките и комуникациски технологии за достоинствено и квалитетно независно живеење на постарите лица, лицата со оштетен вид или лицата со хендикеп на когнитивните функции е една од клучните цели на Дигиталната агенда за Европа, усвоена од Европската комисија во мај 2010 година.

Нели Крос, Потпретседателот на Европската комисија за дигиталната агенда, изјави: „Јас сум воодушевена што истражувачките проекти како I2HOME финансирани од ЕУ можат да ги искористат информатичките технологии за да го направат животот поедноставен за сите граѓани на ЕУ, вклучувајќи ги и старите, хендикепираните и лицата со оштетен вид“.

Додека продажбата на телевизори, ДВД плеери и други апарати за домаќинство продолжува да расте, интерфејсите преку кои се работи со овие апарати сè повеќе се дизајнираат само за потрошувачите кои се запознаени со технологијата. Како резултат на тоа, на многу луѓе им е тешко да ги користат модерните технологии во нивниот дом. Доколку овој проблем не се надмине, овие луѓе сè повеќе ќе бидат спречени да учествуваат во и целосно да го ползуваат дигиталното општество.

Истражувачите на универзитетите, институтите и компаниите во Република Чешка, Германија, Португалија, Шпанија и Шведска ја усогласија пристапната технологија како што се далечинските управувачи за потребите на слепите, лицата со когнитивен хендикеп, пациентите со Алцхајмерова болест и постарите лица. На пример, технологијата им помага на луѓето со пречки во когнитивните функции да бидат понезависни, со тоа што ќе им биде поедноставно да менуваат телевизиски канали или ќе добиваат потсетници за дневните активности, како на пр. потсетување за патување или посета на семејството. За луѓето со слаб вид, менијата со визуелна контрола се заменуваат со интерфејс за говор.

Со развивањето и примената на ISO отворениот стандард за универзални далечински конзоли во комбинација со персонализирани упатства, решението I2HOME предлага конзистентен персонализиран кориснички интерфејс кој во исто време може да работи и да ги контролира разните уреди и сервиси како што се греење, климатизација и вентилација, шпорети, машини за перење, машини за миење садови и осветлување.

I2HOME беше тестиран во центрите за дневна нега и домашни окружувања на 4 пилот места во Република Чешка, Германија, Шпанија и Шведска и повеќе од 100 организации и компании во Европа веќе ја користат или работат со технологијата I2HOME.

Други апликации од оваа технологија се користат во проектот BrainAble финансиран од ЕУ кој исто така им помага на луѓето со посебни потреби, преку подобрување на директната и индиректна интеракција со уредите благодарение на сензорите за мозокот кои можат да измерат чувства како досада, збунетост, фрустрација или преоптовареност со информации.

Технологијата I2HOME исто така се применува за заштеда на енергија со проекти како што се Smart Energy for All (SEFA). Поттикнуваjќи одржливост, SEFA има за цел да ја намали потрошувачката на енергија на компаниите и граѓаните со обезбедување на конзола со која се овозможува централно следење и контрола на сите аспекти на потрошувачката на енергија и вода.

Извор: Europe’s Information Society „Digital Agenda: simple smart phones and remote controls help elderly and disabled to manage their homes” 6 јануари, 2011.