Брзиот интернет го поттикнува економското закрепнување и обезбедува нови можности за користење и создавање веб-содржини, за иновации или купување, продавање и работење преку интернет.

Телекомуникацискиот сектор игра клучна улога на патот кон дигиталното општество на ЕУ, каде растот и работните места може да се обезбедуваат со подобри и побрзи активности на интернет. Во извештајот за напредокот на секторот објавен денеска како дел од графиконот за дигиталната агенда се прикажува поголемиот избор на услуги и подобри цени на располагање на граѓаните како резултат на развивањето на конкуренцијата. Се прикажува и дека операторите се соочуваат со новите реалности, како што е сè поголемиот апетит за податоци на корисниците, а особено за мобилните податоци. Во извештајот се наведуваат и повеќе области во кои е потребно покоординирано спроведување на правилата за телекомуникациските компании, со цел поддршка на воведувањето брз интернет.

Во извештајот објавен денес се наведуваат и повеќе клучни трендови и достигнувања:

Побарувачката за податоци експлодира: 95 % од Европејците имаат пристап до фиксна широкопојасна конекција, а употребата на мобилниот интернет е покачена за 62 %. Огромниот потенцијален раст на податочниот сообраќај отвора нови бизнис можности за телекомуникацискиот сектор и давателите на интернет-услуги. Податоците сочинуваат 7,6 % од вкупните приходи од оваа индустрија за поединците и домаќинствата, а приходите од мобилните податочни услуги се зголемени за речиси 10 %.

За поддршка на побарувачката на корисниците за мобилни интернет-услуги, се ослободи значителен опсег од радио спектарот во текот на 2011 г.: Белгија, Литванија, Словенија, Грција, Малта, Шпанија и Португалија ги отворија опсезите од 900 MHz и 1800 MHz, („GSM-опсези“) за нови мобилни услуги, додека во Шпанија, Франција, Италија, Португалија и Шведска опсегот 800 MHz се додели за мобилен широкопојасен интернет.

Потрошувачите, генерално, добија подобри зделки за мобилните услуги. Просечните приходи од корисник се намалија во многу земји-членки; просекот на ниво на ЕУ се намали од 244 евра во 2009 г. на 221 евра во 2010 година. Благодарение на напредокот во спроведувањето на правилата на ЕУ за цените за гласовни повици меѓу корисниците на различни мобилни оператори, цените за интер-конекција паднаа на 3,87 центи за минута разговор во 2011 година, за разлика од 5,47 центи за минута во 2010 година.

Во извештајот, исто така, се укажува на областа во која е потребно да се преземат мерки за да се извлече максимумот од регулаторната рамка на ЕУ:

Земјите-членки треба да ги спроведат ажурираните правила на ЕУ за телекомуникациските компании кои беа договорени во 2009 година. До денес, четири земји-членки (Белгија, Полска, Португалија и Словенија) сè уште не ги транспонирале овие правила во нивните национални законодавства. Овие правила гарантираат поконкурентни пазари за потрошувачите и компаниите и на корисниците од ЕУ им даваат нови права, како што се менување на нивните телефонски оператори за еден ден, без промена на бројот или право да бидат информирани, без одложување, доколку нивните лични податоци се украдени преку интернет. Во однос на спроведувањето, Комисијата е особено загрижена за прашања како што се независноста на регулаторите, заштитата на потрошувачите (особено за соодветното спроведување на правилата на ЕУ за преносливост на броеви), но и за одредени даноци за операторите, поради кои во моментов се водат прекршочни постапки против Унгарија, Шпанија и Франција.

Постојат големи разлики во цената на производите за пристап до широкопојасен интернет, како што е цената која алтернативните оператори ја плаќаат за користење туѓи мрежи, за да обезбедуваат услуги на клиенти каде просечната месечна големопродажна цена за пристап до „локалната јамка“ се движи од 5,3 евра во Полска и Словачка до 14,4 евра во Финска. Со ова се покажува потребата за зголемување на регулаторната конзистентност од аспект на методологијата на трошоци за производите за пристап до широкопојасен интернет и мерките против дискриминација.

До 80 % од трошоците за поставување мрежи со брз широкопојасен интернет се поврзани со градежништвото, како што е раскопувањето на патиштата за поставување оптички кабли. Комисијата смета дека овој висок процент бара усогласени мерки за намалување на овие трошоци и предвидува иницијатива на ЕУ на почетокот на 2013 година.

Земјите-членки имаат различен пристап во однос на прашањето за неутралноста на интернетот и квалитетот на услугите, што го забавува развојот на Единствен дигитален пазар. Скорешната анализа на BEREC – органот на Европските мрежни регулатори – покажува дека најмалку 20%, а потенцијално и до половина од корисниците на мобилен широкопојасен интернет во ЕУ имаат договори со кои им дозволуваат на нивните интернет-провајдери да го ограничат пристапот до услуги како што се VoIP (на пример, Skype), или споделувањето датотеки. Ова укажува на потребата за координирано дејствување за да се обезбеди подобро информирање на потрошувачите и поголем избор на интернет-услуги.

Извор: Europe’s Information Society „Digital Agenda: Telecoms services improving, but regulatory divergences should be addressed to support further innovation“ 18 јуни, 2012.