Во периодот од 1 јули 2011г. до 30 јуни 2012г., мобилните оператори од ЕУ повторно ќе бидат обврзани да ги намалат малопродажните цени за роаминг-повици во согласност со правилата на ЕУ за првпат воведени во 2007г. и изменети и дополнети во 2009г.
Корисниците што ќе ја изберат „Евротарифата“ регулирана од ЕУ нема да плаќаат повеќе од 35 центи за минута разговор и 11 центи за минута разговор за повици што ги примиле додека се во странство, во некоја од земјите-членки на ЕУ. Ова е последно од серијата регулирани намалувања на цените во рамките на тековната Регулатива на ЕУ за роаминг, која истекува на крајот на јуни 2012 година.
На 30 јуни 2010г., Европската комисија објави извештај кој укажува дека иако намалувањата на цените привремено ги намалиле цените за роаминг во текот на регулираниот период, со сегашните правила не се решава основниот проблем со недостиг на конкуренција во роаминг-услугите, a цените останале тврдоглаво блиску до ограничувањата.
Ова создава потреба за нова регулаторна интервенција со цел да се исполни, во долгорочна смисла, целта поставена во дигиталната агенда за Европа дека разликата помеѓу тарифите за роаминг и оние во рамки на националните телекоми треба да се приближат до нула до 2015 година. Таквата цел ќе се исполни ако конкуренцијата во мобилната телефонија им овозможи на корисниците брз и лесен избор на роаминг услуги за конкурентна, или барем приближно конкурентна цена во домашни рамки. За таа цел, Комисијата наскоро ќе претстави предлог за долгорочно решение на структурните проблеми на пазарите за гласовен, текстуален и податочен роаминг.
Нели Крос, потпретседателот на Европската комисија за дигитална агенда, рече: „Овие нови ограничувања на цените привремено ќе ги намалат малопродажните цени за воспоставување и примање гласовни повици кога корисниците се во друга земја на ЕУ во текот на наредната година. Но, мора да се справиме со проблемите во роамингот од корен, со долгорочен структурен пристап. Затоа, Комисијата наскоро ќе подготви сеопфатни нови предлози за долгорочни решенија за решавање на суштинскиот проблем – недостиг на конкуренција на роаминг пазарите“.
Поевтини гласовни повици
Максималните малопродажни цени (без ДДВ) за роаминг-повици ќе се намалат во периодот од 1 јули 2011г. до 30 јуни 2012г. Тие ќе паднат од сегашните 39 центи на 35 центи за минута разговор за воспоставените повици и од 15 центи на 11 центи/мин. за примените повици. За земјите надвор од еврозоната, сумата ќе се пресметува врз основа на девизниот курс објавен во Службениот весник на ЕУ од 1 јуни, 2011г.
Регулаторите на државните телекоми во земјите-членки мора да обезбедат дека мобилните оператори работат во согласност со новите правила за податочен роаминг и за пониски цени на гласовните повици. Корисниците можат да контактираат со државниот регулатор во земјата-членка во која е седиштето на нивниот мобилен оператор доколку имаат какви било проблеми или прашања за новите ограничувања.
Податочен роаминг
Од 1 јули 2011г., ограничувањето за големопродажните цени за податочен роаминг (цена која операторите си ја наплаќаат едни на други) ќе падне до 50 центи за мегабајт (од претходните 80 центи за мегабајт). Со важечката регулатива не е утврден максималниот износ на малопродажната цена за податочните услуги.
Корисниците и деловните патници ќе останат заштитени од неочекуваните „астрономски сметки“ за преземање податоци преку мобилните мрежи, бидејќи месечните сметки за преземање податоци се ограничени на 50 евра освен ако корисникот експлицитно се согласил да биде поинаку.
Извор: Europe’s Information Society “Digital Agenda: lower roaming prices as of 1st July”



