Европскиот парламент во моментов е во клучна фаза од дискусиите во врска со предлозите на Европската комисија за блокирање на веб-сајтови.

Одговорниот европратеник Роберта Ангелили го презентираше својот нацрт-извештај, а останатите парламентарци имаа рок до 20 јануари да предложат други измени и дополнувања. На 3 февруари ќе се спроведе „ориентационо гласање“, со кое неофицијално ќе се утврди политиката на Парламентот во однос на прашањата за кои има општа согласност.

И покрај фактот дека првобитниот предлог е поднесен од Комисијата во март 2009 година, нивото на дебатата не се разви до некоја голема мера по речиси две години дискусија. Фактот дека Комисијата не успеа да обезбеди докази од земјите кои веќе блокираат веб-сајтови немаше некое позитивно влијание. Фактот дека блокирањето е сè повеќе ирелевантно како резултат на употребата на P2P и пробиените сервери наместо статичките веб-сајтови кои може да се блокираат, или фактот дека со блокирањето на криминалците веднаш им се дава предупредување немаа некакво посебно значење во дебатата. Навистина, дури и вистинската цел на блокирањето – случаен пристап, намерен пристап или нешто друго – не е проблем за кој се расправаше од кој било аспект.

Сепак, за време на дебатата одржана во Комитетот за граѓански слободи на 10 јануари 2011 година, единаесет од дванаесетте парламентарци кои говореа се противеа на воведувањето на задолжително блокирање на ниво на Европа, а германскиот европратеник, конзервативецот Аксел Вос беше единствениот исклучок. Ставот на Роберта Ангелили е малку нејасен – во законски обврзувачките делови од нејзиниот извештај таа сугерира блокирањето да стане опционално. Меѓутоа, во деловите со појаснувања таа укажува дека „треба да се воведат механизми за блокирање на пристапот од територијата на Унијата до веб-сајтовите идентификувани како сајтови што содржат или дистрибуираат детска порнографија“ и исто така го промовира концептот дека интернет провајдерите треба да ја преземат улогата на вонсудски цензори.

Во однос на вонсудското блокирање, Комисијата го поддржува овој пристап, и покрај тоа што во процената на влијанието во 2007 година е наведено дека „усвојувањето на мерки за блокирање нужно подразбира ограничување на човековите права, особено на слободата на изразувањето и затоа, тоа може да се наметне единствено законски“.

Предлогот за блокирање дури ја наведе Европската комисија да интервенира во јавната администрација. На 12 јануари, Комисијата соработуваше со Центарот за заштита на децата од експлоатација и заштита на децата на интернет (CEOP – поврзан со полициската агенција на Обединетото Кралство за тежок организиран криминал) при превозот на парламентарците до Лондон на еднодневно лобирање за блокирање на веб-сајтови.

Извор: ЕДРИ-грам „Web blocking discussions in European Parliament reach critical stage“ бр. 9.1., 12 јануари, 2011.