eIFL.net доби грант за поттикнување на иновацијата на услугите на јавните библиотеки во земјите во развој.

eIFL.net со задоволство соопшти за добивањето на три-годишен грант од 1,4 милиони долари од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс за поттикнување на развојот на иновативни услуги на јавните библиотеки со користење на технологија во земјите во транзиција и развој.

Програмата за иновации во јавните библиотеки ќе ги поттикне јавните библиотеки да се поврзат со нивните заедници, да склучуваат партнерства со локалната власт, бизниси и други организации за да се оценат локалните потреби и да се развиваат нови услуги. Технологијата ги трансформираше јавните библиотеки низ целиот свет, обезбедувајќи пристап до важни образовни материјали и комуникациски услуги.  Сепак, во многу земји во развој, каде што потребите се големи, јавните библиотеки немаат доволно ресурси.

Повиците за поднесување на предлог проекти ќе бидат објавени во два циклуси. Со првиот повик е предвидено да се соберат одлични идеи со кои се воведува технологија за да се задоволат потребите на корисниците и за да им се помогне на членовите на заедницата да го подобрат својот живот. На десет од најдобрите предлог проекти ќе им бидат доделени по 30.000 американски долари за проекти со времетраење од една година.

Со вториот повик за предлог проекти ќе се испита повторливоста на најдобрите десет идеи од првиот повик. Проектните тимови кои ќе учествуваат во двата циклуси ќе се здружат за обуката и за да го споделат нивното искуство. Покрај тоа, јавните библиотеки во која било земја во развој и транзиција, ќе бидат поканети да учествуваат во натпреварувањето за Специјалната награда за иновација, како признание за исклучителни достигнувања. Резултатите ќе бидат пренесени во клучни публикации и конференции низ целиот свет.

Поздравувајќи го почетокот на новата програма, Дебора Џејкобс, директор на иницијативата Глобални библиотеки на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, изјави „Очекуваме дека новите услуги кои ќе ги развијат јавните библиотеки со поддршка од eIFL.net навистина позитивно ќе придонесат за животот на луѓето. Возбудливо е да се замислат општествените и економските придобивки како резултат на овие нови услуги – на пример еден фармер кој живее во оддалечена рурална заедница, и има пристап до најновите информации за жетвите, или жена од мало село која го промовира својот мал бизнис на интернет.

Рима Куприт, управниот директор на eIFL.net е ентузијаст. „Користењето на технологија за обезбедување на нови услуги, или за обезбедување на тие услуги на нови начини, ќе ги поврзе библиотеките со заедниците на кои им служат, ќе ја поттикне креативноста на библиотекарите и корисниците, за да го искористат тоа што технологијата може да го направи за нив. Граѓаните на сиромашните земји, оддалечените заедници, или општествата во транзиција ќе ги користат придобивките во сите области од нивниот секојдневен живот – да учат, да уживаат, да комуницираат и да ги подобрат нивните услови за живеење. Во име на покровителите на јавните библиотеки низ целиот свет, eIFL.net ја изразува својата благодарност до фондацијата Бил и Мелинда Гејтс за оваа одлична можност да ја забрза модернизацијата на едно од важните места во заедницата – јавната библиотека.

Првиот циклус на грантови ќе биде отворен за апликанти од следниве земји, каде што или eIFL.net е присутен или Иницијативата глобални библиотеки на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс поддржува проекти:

Албанија, Аргентина, Ерменија, Азербејџан, Бангладеш, Белорусија, Босна и Херцеговина, Боцвана, Бугарија, Камбоџа, Камерун, Чиле, Народна Република Кина, Колумбија, Египет, Естонија, Етиопија, Грузија, Гана, Јордан, Кенија, Косово, Киргистан, Лаос, Латвија, Лесото, Литванија, Македонија, Малави, Мали, Мексико, Молдавија, Монголија, Мозамбик, Непал, Нигерија, Палестинска Територија (Западниот брег и појасот), Полска, Гватемала, Романија, Русија, Сенегал, Србија, Словенија, Јужна Африка, Судан, Свазиленд, Сирија, Таџикистан, Танзанија, Украина, Узбекистан, Виетнам, Замбија и Зимбабве.

Повикот за предлог проекти ќе биде отворен на 16 ноември, 2009. Вториот повик за предлог проекти заедно со Наградите за иновации ќе биде отворен за сите земји во развој и транзиција во пролетта 2011 година.

Оваа донација за eIFL.net е дел од Иницијативата глобални библиотеки  на фондацијата, чија цел е отворање на светот на знаење, информации и можности за многу повеќе луѓе. Дел од Програмата за глобален развој, (Глобални библиотеки) работи со одредени земји кои имаат потреба и покажуваат подготвеност да им помогнат на јавните библиотеки во обезбедувањето на бесплатен пристап до компјутерите и интернетот, и во обуките за тоа како максимално да ги искористат овие алатки.

Извор: PLA Blog “Good news for public library patrons around the world” 16 ноември, 2009.