Претставниците на „Дојче телеком“ дојдоа во Скопје, на средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, која треба да одлучи дали зделката ќе создаде монопол во телекомуникацискиот пазар во земјава.
„Ова денеска беше само информативен состанок, со цел само да дадеме прелиминарни информации од наша страна за текот или за постапката којашто ќе биде иницирана наскоро“, изјави Татјана Поповска, правен застапник на „Дојче телеком“.
Надлежните ќе почекаат да финишира зделката за да ги почнат анализите.
„Им ги кажавме нивните права и обврски, кои произлегуваат од законот за заштита на конкуренција, што подразбира тие да поднесат нотификација во што покус рок, барем тоа беше нивна интенција, а поднесувањето на нотификација ќе предизвика од наша страна одредени активности“, рече Чедомир Кралевски, Комисија за заштита на конкуренција.
Уште неразбиен во фиксната, Македонија е на пат да добие нов монопол во мобилната телефонија. Минатата недела „Дојче телеком“ постигна согласност за влез во грчки „Оте“.
Германците ќе платат околу 3,2 милијарди евра за 25% од капиталот на „Оте“ и управувањето во грчкиот мобилен оператор.
Со ова германски „Дојче телеком“ во Македонија во свои раце ќе го има фиксниот оператор „Македонски телеком“, како и двата најмоќни мобилни оператори „Ти Мобајл“ и „Космофон“, кои заедно држат 90% од пазарот во земјава. Единствен конкурент ќе им биде „ВИП“.
Во законот за заштита на конкуренцијата стои дека монопол може да се појави ако некој субјект има контрола на повеќе од 40% од клиентите и услугите, но за да се утврди монополот, треба да се проверат дополнителни критериуми.
Извор: А1 – „Дојче телеком“ ги извести надлежните за преземањето на „Оте“



