Денес Меѓународната асоцијација КОМУНИЈА го претставува својот петти документ за политики. Документот претставува реакција на предлогот на Европската комисија за Директива за колективно управување со авторските и сродни права и мулти-територијално лиценцирање на права за музички дела за употреба на интернет во внатрешниот пазар.

Асоцијацијата КОМУНИЈА ги поздравува заложбите на Европската комисија за модернизација на колективното управување во Европа обезбедувајќи правила за мулти-територијално лиценцирање на правата за музички дела за употреба на интернет, а поопшто со зголемување на стандардите за транспарентност и отчетност на Организациите за колективно управување со права кои работат во Европа.

Управувањето со авторските права игра централна улога во утврдувањето правна сигурност за дигитализацијата на европското културно наследство и за овозможување пристапен дигитален јавен домен кој може да се употребува постојано. Оваа предложена Директива интервенира во клучен момент во еволуцијата на информатичкото општество и во историјата на Европскиот систем за авторски права, каде иновациите и пристапот на јавноста до знаењето треба да бидат приоритет при креирањето на политиките.

Документот за политики се осврнува на два аспекти во кои предлогот треба да се подобри. Првиот се однесува на транспарентноста на репертоарските информации. Сметаме дека предложените мерки не се доволни и предлагаме амандман со кој ќе се бара Организациите за колективно управување со права да ги обезбедат овие информации на пошироко ниво. Вториот аспект се однесува на односот меѓу колективното управување и лиценците за отворени содржини. Според нашето мислење, предложената Директива не успева да одговори на постојните некомпатибилности помеѓу колективното управување со правата и лиценцирањето отворени содржини.

Целосната реакција на Асоцијацијата КОМУНИЈА на предлогот за Директивата за колективно управување со авторски права може да се преземе овде. За понатамошни информации околу документот, контактирајте со Асоцијацијата КОМУНИЈА на communia.association@gmail.com

Извор: Communia Association „COMMUNIA policy paper on proposed Directive on collective management of copyright“ 7 јануари, 2013.