Според екс-претседателот на ЗЕЛС, Андреј Петров, нема потреба Владата сега да троши пари за безжичен интернет за мал број заинтересирани во македонските рурални општини.
– УСАИД уште пред три-четири години обезбеди безжичен интернет за над 500 училишта и во градовите и во селата. Луѓето таму живеат со септички јами и немаат основни услови за живот. Лошо се поврзани со градовите, а онаму каде што има асфалтиран пат, сега веќе е разјаден од снегот и солта. Затоа приоритет за развојот на руралните средини не е безжичниот интернет, туку инфраструктурни објекти како изградба на патишта, водовод, фекална канализација – изјави Петров.За разлика од него, градоначалникот на Општина Конче, Стојан Лазарев, смета дека подобро од ова не можеше да биде.
– Правевме големи напори да добиеме интернет во селото, но не ни успеваше. Се работи за подобрување на комуникацијата меѓу жителите, кои ќе имаат олеснет пристап до информации и придобивките се големи – вели Лазарев.Селото Конче е едно од неколкуте македонски села кое веќе има пристап до безжичен интернет, но нема фекална канализација.
Според „Дневник“, резултатите од истражувањето за сиромаштијата во руралните средини на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања покажуваат дека над две третини од жителите по селата имигрираат кон градовите, најмногу поради сиромаштијата. Имено, повеќе од 40 отсто од селаните лани живееле во услови на целосна сиромаштија, а уште толку биле на прагот на сиромаштијата. За последните осум години бројот на сиромашни во руралните средини се покачил за 10 отсто.
Поголем број од жителите во селата имаат ниско ниво на образование. Така, околу 60 отсто од возрасните селани не завршиле ниту основно образование. Стапката на неписменост кај возрасните е доста висока и се движи околу 10 отсто. Истражувањето на Институтот покажало дека над две третини од селаните немаат здравствена заштита. Голем дел, околу 90 отсто, од овие луѓе немаат добар пристап до училиштата, болниците, јавните институции како судовите или, пак, до театрите.



