Европската комисија ги усвои Насоките за примена на правилата од Договорот на Европската заедница за државна помош при финансирањето на мрежите на широкопојасен интернет.

Насоките обезбедуваат јасна и предвидлива рамка за засегнатите страни и ќе им помогнат на земјите-членки да го забрзаат и прошират воведувањето на широкопојасен интернет. Насоките исто така содржат специјални одредби околу воведувањето на мрежите со интернет од следната генерација, овозможувајќи јавна поддршка за поттикнување на инвестициите во овој стратешки сектор без создавање непотребни нарушувања на конкуренцијата. Во Насоките се земени предвид коментарите добиени за време на јавната консултација.

Европскиот комесар за конкуренција Нели Крос изјави: „Насоките им нудат на земјите-членки и државните власти сеопфатна и транспарентна алатка за да се осигури дека нивните планови за државно финансирање на широкопојасниот интернет се усогласени со правилата на ЕУ за државна помош. Така, насоките ќе го олеснат воведувањето на мрежите со брз и многу брз широкопојасен интернет, подобрувајќи ја европската конкурентност и помагајќи да се изгради општество базирано на знаење во Европа“.

Во текот на изминатите пет години, Комисијата разви кохерентна и конзистентна практика во однос на државната поддршка за воведување на мрежи со широкопојасен интернет, преку усвојување на повеќе од 40 поединечни одлуки. Новите Насоки се базираат на ова искуство.

Во Насоките исто така се објаснува како државните пари може да се канализираат за воведување на мрежи со основен широкопојасен интернет како и мрежи со интернет од следната генерација во области каде приватните оператори не инвестираат. Во насоките е истакната разликата меѓу конкурентните области („црни“ области), во кои не е потребна државна помош и непрофитабилните или недоволно опслужени области („бели“ и „сиви“ области) во кои државната помош може да биде оправдана, доколку се исполнети одредени услови. Оваа дистинкција потоа се приспособува на состојбата со мрежите на следната генерација (чиешто воведување е сè уште во рана фаза) преку барање од земјите-членки да ги земат предвид  не само постојната инфраструктура за мрежата на следната генерација туку и конкретните планови за инвестиции од телекомуникациските оператори за испорака на такви мрежи во блиска иднина. Одреден број на мерки за заштита (како што е деталното мапирање, отворените тендерски постапки, обврската за отворен пристап или технолошката неутралност) се наведени во Насоките со цел да се промовира конкурентноста и да се избегне намалувањето на приватните инвестиции.

Иако инвестициите за мрежи со брз и многу брз широкопојасен интернет треба првенствено да ги вршат приватни оператори, државната помош може да игра суштинска улога за проширувањето на покриеноста со широкопојасен интернет во области каде операторите немаат планови за инвестирање. Примарната цел на Насоките за широкопојасен интернет е да се поддржи широко и брзо воведување на мрежи со широкопојасен интернет истовремено зачувувајќи ја динамиката на пазарот и конкурентноста во сектор кој е целосно либерализиран. Насоките исто така осигуруваат дека кога и да е доделена државна помош на државните оператори, помошта мора да поттикнува конкурентност барајќи од корисникот на помошта да обезбеди отворен пристап до јавно финансираната мрежа за независните оператори.

Во мај и јуни, 2008 г. Комисијата јавно се консултираше со сите засегнати страни и одржа мултилатерален состанок со земјите-членки на 22 јуни, 2009. Речиси 100 коментари беа поднесени од земји-членки, алтернативни оператори, интернет провајдери или граѓански организации. Земјите-членки и другите засегнати страни ја поддржаа одлуката на Комисијата за издавање на Насоки и ги прифатија новите правила за мрежите од следната генерација.

Инвестициите во мрежите на широкопојасен интернет се исто така суштински дел од европскиот план за економско закрепнување, за кој Комисијата обезбеди 1.02 милијарди евра преку Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAFRD) за развој на широкопојасен интернет во руралните области. Насоките ќе им помогнат на државните власти да ги инвестираат овие и други средства ефективно и на фер начин и со тоа да придонесат за краткорочното економско закрепнување и долгорочната конкурентност на Европа.

Извор: Europe’s Information Society “State aid: Commission adopts Guidelines for broadband networks” 17 септември, 2009