Е-Општество.мк: Реформите на медиумите мора да се направат професионално и преку дијалог

22.11.2017

Година : 2017

Реформите во медиумската сфера мора да се направат професионално, преку дебата и со вклучување на сите засегнати страни и отворен партнерски пристап од страна на институциите на системот. Ова беше изведено како заклучокот од конференцијата „е-Општество.мк“ на тема „Слобода и приватност“, која денеска се одржа во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје во организација на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис.

Според министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој говореше во рамки на сесијата на отварањето на конференцијата, интернет-порталите се дел од проблемите во медиумската сфера затоа што зад одредени портали не се знае кој стои и нивните сопственици се офшор-компании.

Како посебен проблем во медиумската сфера, Манчевски го истакна феноменот на лажни вести.

– Младите од Велес се израснати во општество на лажни вести. Не можеме ние како држава или влада сами да се справиме со овој проблем туку требa соработка на глобално ниво. Тука постои и етички проблем во поглед на тоа до каде оди нивото на регулација на медиумите, дали ќе навлеземе во нечија приватност или дали ќе има цензура. Отворени сме за соработка и за дијалог – рече Манчевски.

Меѓу говорниците на првата сесија беше и извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, која ја потенцираше важноста на улогата на граѓанското општество и нагласи дека без граѓанско општество, кое ќе биде стручен и објективен критичар на власта, нема да се реализира тоа што е потребно.

– Се поставува прашање дали е можна слободата без сериозна заштита на приватноста. Дали екстремната заштита на приватноста значи и ограничување на слободата? Според мене, слободата е поважна од приватноста, затоа што ми треба слободата за да си ја заштитам приватноста – рече Каранфилова-Пановска.

 

Покрај нив, во првата сесија учествуваа и Весна Кардалевска, регионален координатор на Проектот за Интернет слобода во Источна Европа и Евроазија, Американска адвокатска комора (АБА РОЛИ), како и Радмила Живановиќ, претседавач на Управниот одбор на Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис.

Во втората сесија на програмата, програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски, посочи оти реформите во медиумите се многу важни затоа што тие се четвртата власт во општеството, која ги држи отчетни сите други.

Покрај Стојановски, говореше и Драгица Љубеска од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која смета дека не е забрането да се известува за говор на омраза, туку е забрането медиумите да бидат извор на говор на омраза.

Како претставник на Здружението на новинари на Македонија, Иван Брешковски рече оти е важно е да нема преголема регулација во медиумскиот сектор затоа што таа може негативно да влијае и да ја наруши кревката состојба со слободата на изразување.

– Ако судиите се водат од праксата на Европскиот суд за човекови права, доколку е нанесена штета, не е битно каде таа е нанесена и дали станува збор за интернет-медиум. Во судиите е клучот. Ако тие се водат по праксата на Европскиот суд за човекови права тогаш нема да имаме проблем со споровите за клевета и навреда – додаде Брешковски.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, вели дека успех би било ако во првата фаза од реформите се добие вистинско регулаторно тело, кое ќе биде единствен суверен орган во радиодифузијата што ќе применува вистински политики за пазарот да се сведе на својата вистинска димензија.

– Проблемите произлегуваат од тоа што има презаситеност на пазарот, имаме слаба економија, а имаме медиумска сцена како да сме 100 милиони народ. Ние како општество треба да одлучиме како да го зачуваме новинарството што истражува длабоко и ја зборува вистината – рече Георгиевски.

Потоа се одржаа уште две сесии на тема „Заштита на приватноста – правни и институционални рамки“, како и дискусија за досегашниот напредок на демократските реформи во областите слобода на изразување (медиуми) и приватноста.

На сесијата која се однесуваше на приватноста учествуваа Билјана Волческа, виш инспектор за заштита на личните податоци во Државниот завод за заштита на лични податоци, Елена Трифуновска од Фондацијата Метаморфозис, Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата Зенит и Љупчо Петковски од Евротинк – Центарот за европски стратегии.

Покрај презентирањето на резултатите од истражувањето Еврометар кои ги презентираше Петковски, на оваа сесија беше посочено оти дефинирањето на интернет медиумите е првиот предизвик кој што ќе се соочат институциите.

На крајот дебатираа Маја Петковска Лесес, посебен советник за анализи на комуникации и односи со јавноста во Кабинетот на министерот задолжен за комуникации, потоа Даниела Ѓоршоска од МВР, јавниот обвинител Владимир Милошоски како претставник на Здружението на обвинители, адвокатот Валентин Пепељугоски и Мирче Адамчевски од Советот за етика во медиумите.

Особен акцент беше ставен на реформите на процесите за надзор и следење на комуникациите при што беа објаснети досегашните и идните чекори меѓу кои и справувањето со директниот пристап на државните органи до опремата на телекомуникациските оператори преку формирање на нов оперативно технички центар и систем на зајакната независна контрола.

Конференцијата е-Општество.мк ја организира Метаморфозис, Фондација за интернет и општество, во синергија со проектот за Интернет слобода во Источна Европа и Евроазија на Американска адвокатска комора (АБА РОЛИ), проектот Опсерваторија на медиумските реформи (mediaobservatorium.mk) поддржан од Фондацијата отворено општество – Македонија и проектот Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE – actionsee.org) поддржан од Европската Унија.