Се одржа деветтата меѓународна конференција е-Општество: Млади и медиуми

10.02.2014

Година : 2014

На 7 и 8 февруари 2014 година, во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје, се одржа деветтата меѓународна конференција „е-Општество“ на тема „Млади и медиуми“.

Дводневната конференција во организација на фондацијата Метаморфозис и Младинскиот образовен форум (МОФ) опфати мноштво теми, а над 40 говорници на конференцијата ги предизвикаа традиционалните гледишта за медиумите, споделија искуства и отворија дискусија за медиумите од младинска перспектива, медиумите под водство на млади, медиумската писменост, квалитетот на информации, активизмот на дигиталните медиуми, музиката и движењата.

Конференцијата ја отворија Елена Игнатова од Метаморфозис и Моника Божиноска од МОФ, кои ги презентираа резултатите од неколкумесечното истражување за младите и медиумите во 11 земји од Југоисточна Европа.

Потоа, презентациите продолжија на теми како младите, репутацијата и приватноста на интернет, фокусирајќи се на ставовите на младите и практиките; анонимно известување за нелегални интернет содржини, како што се злоупотреба на детски фотографии и говор на омраза на интернет; борба за дигитални права на полето на приватноста, слобода на говор, владина транспарентност и ефикасност, надгледување и човекови права; оспособување на младите да ги огласат своите мислења и да овозможат критичко гледиште на медиумите и политиката преку новинарско едуцирање и учење преку пракса; зајакнување на мрежата на медиуми предводени од млади; младите како креатори и учесници во медиумската сфера; оспособување на граѓаните да читаат, пишуваат и учествуваат во јавниот живот преку медиумите; како да се менува локалната заедница преку фото активизам; како да се создава содржина според стандардите за веб; медиумите и информатичката писменост во училиштата; медиумската писменост и квалитетот на информации; создавање на привлечни приказни користејќи податоци; алатки за младите и активистите против говор на омраза.

Презентациите беа заокружени со филмските проекции на Riot from wrong и Sav Taj Folk / All That Folk.