Со прогласување на победниците на хакатонот за отворени податоци, заврши конференцијата е-Општество.мк

08.12.2021

Година : 2021

Со прогласување на победниците на хакатонот за отворени податоци, заврши конференцијата е-Општество.мк
Дигиталната трансформација треба да има холистички пристап, за поврзување на сите, да биде инклузивна, односно секој да може да ги почувствува придобивките од неа. Но при овој процес фокусот мора да биде на почитувањето на демократските вредности и на човековите права. Исто така, од најголема важност се и кибер-безбедноста и почитувањето на човековите права.Со таква порака на затворањето на годинашната 17-тата меѓународна конференција „е-Општество.мк“ во организација на Фондацијата „Метаморфозис“, се обрати Бардил Јашари, извршен директор на „Метаморфозис“ заблагодарувајќи се на сите учесници што во текот на четирите денови споделија свои знаења, искуства, но и размислувања и насоки за дејствување за областите што беа опфатени на конференцијата. Во неа учествуваа и претставници на ЕУ во земјава, потоа државни функционери и функционери во меѓународни организации, како и експерти од граѓански организации од странство и од земјава.
Фото: Ванчо Џамбаски

 

На затворањето на конференцијата беше соопштено и победничкото решение за апликација на хакатонот што се организираше паралелно со конференцијата.

„Секој од нас, и граѓанските организации и институциите на власта и експертите, треба да преземе одговорност за состојбите, и сите треба да соработуваме за да креираме визија за дигитална трансформација“, порача Јашари давајќи заклучок за различните теми што се дискутираа на 4-дневната конференција.

На конференцијата се зборуваше за дигиталната трансформација, отворените податоци и нивната важност за демократскиот развој, за дигиталното информирање но и вклучување во дискусија на граѓаните. Меѓу главните теми беа и ширењето на дезинформациите и начините за борба против нив, како и за подобрување на медиумската писменост и критичкото мислење, со акцент на младите, како и за дигиталната безбедност и заштитата на приватноста во онлајн-сферата.

Покрај дебатните сесии, на конференцијата се организираа и обуки за аспектите на кои беше посветена конференцијата, а главниот настан беше секако хакатонот, односно натпревар на повеќе тимови за создавање дигитално решение со отворени податоци, односно апликација што ќе помогне за некој горлив проблем.

Жири-комисијата имаше тешка задача на хакатонот, објасни Станислав Василковски од Министерството за информатичко општество и администрација, кој беше претседател на комисијата, затоа што сите тимови имале добри идеи и решенија.

Победник на хакатонот е стартап тимот Web pillar & Data consulting.

„Изминативе денови тимовите имаа имаа тешка задача да се креира решение. Концептот на победничкиот тим беше оценет како најуспешен оти тие имаа јасна цел што сакаат да ја постигнат, да честитам на победничкиоот тим, нивниот концепт беше оценет како најуспешен, имаа јасна цел“, објасни Василевски.

Како што објаснија од победничкиот тим, нивната идеја е создавање веб-апликација која ќа дава информации за училиштата и нивните капацитети и опременост, и која потоа ќе овозможи и меѓусебен натпревар на училиштата за престиж. Сепак, апликацијата ќе има и приказ на тоа колку казина има околу училиштата и на кое растојание, односно дали тие се на законски предвиденото растојание.

„Се обидовме да развиеме концепт за учениците и родителите да имаат пристап до веб апликација преку која ќе видат колку е развиено училиштето, колку лаборатории има, но и се обидовме во апликацијата да им овозможиме на луѓето да видат кое е растојанието од училиштето до казината, за да се види колку се почитуваат законите и да се има јасна визија колку е применето законското решение.

Втора работа што мислиме да ја поставиме во апликацијата е училиштата да се претставуваат меѓу себе и да се натпреваруваат, па, на пример, ако некоја компанија сака да пронајде таленти, ќе види кои училишта имаат повисок рејтинг“, објаснија од тимот.